Бизнис ангелите ќе помагаат за развој на претприемништвото во Македонија

48

Во просториите на Стопанската комора на Македонија вчера се одржа Форум на тема бизнис ангели и носење на регулатива за овој модел на финансирање на малите и средни компании.

Учесниците на Форумот беа согласни по прашањето дека е повеќе од потребно да се изготви законска регулатива со којашто ќе се поттикнат бизнис ангелите да инвестираат во стартапите. Немањето на соодветен закон го кочи самиот развој на претприемништвото, од причина што на стартапите им е потребен капитал за реализација на своите бизнис идеи, а токму бизнис ангелите се тие што можат да помогнат во целата приказна.

“Во нашиот клуб на бизнис ангели, CEED Business Angels Club,  каде членуваат 16 бизнис ангели, досега се направени четири инвестиции. Моментално дел од нашите компании се во фаза на излегување на странски пазари, односно на Европскиот пазар. Ние од ЦЕЕД Македонија и ЦЕЕД Хаб Скопје (којшто е поддржан од УСАИД и Швјцарската амбасада) сме секогаш тука да дадеме поддршка на претприемништвото и подготвени сме да учествуваме во носење и подобрување на законската рагулатива. Донесената регулатива треба да даде можност на секој оној кој сака да инвестира, истото да го изведе на најлесен можен начин, без досегашните законски и даночни препреки“, изјави д-р Јован Маџовски регионален менаџер на ЦЕЕД за Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Молдавија.

На Форумот учество зема и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев кој рече дека многу идеи за жал пропаѓаат бидејќи не можат да најдат извор за финансирање.

Министерот задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашни претпријатија, Зоран Шапуриќ најави дека во земјава ќе се формира Работна група која ќе биде задолжена за изработка на неопходната регулатива за биснис ангелите.

На Форумот учествуваа и претседателот на светскиот инвестициски форум на бизнис ангели, Бајбарс Алтунташ, проф. д-р Леонид Наков Сенатор на Светскиот инвестициски форум на Бизнис ангели (WBAF) за Македонија, претседателот на Македонска академија на науките и уметностите, Таки Фити и претседателите на Стопанските комори на Република Македонија.

Во светски рамки дури 96% од бизнисот е резултат на претприемничко однесување, а 90% од вложувањата во рана фаза со ризичен капитал се реализираат преку бизнис ангелите.