Бизнисмените задоволни од можноста да се легализира земјиштето под фирмите

20

cacheНа состанокот што вчера го одржаа членовите на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори (ССК) со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, беше поздравена одлуката за легализација на државното земјиштето кај легализираните бесправно изградени објекти.

“Ова е добра можност земјиштето до 30% да се легализира, а стопанствениците може да имаат повеќекратен бенефит. Легализацијата ќе чини од 4 до 7 евра по метар квадратен, на тој начин стопанствениците ќе се здобијат со комплетен имот чија процената вредност може да изнесува 200 до 400 евра по метар квадратен”, истакна претседателот на Градежната комора при ССК, Сеад Кочан.

Како што изјави Јанакиески, ова беше едно од барањата на ССК во претходните средби, бидејќи на овој начин се овозможува целокупно решавање на имотот, кој претходно бил нелегално изграден на земјиште на Република Македонија.

“Со измените на Законот за легализација, кои стапија на сила на 17 декември, очекувам да се забрза процесот на легализација. Сепак, имаме два проблеми за ова прашање. Едниот е недоставување на геодетските елаборати од страна на граѓани и компании, така во Законот ставивме одредба доколку граѓаните и приватните компании не го достават елаборатот во рок од 18 месеци, го губат правото на легализација. И вториот проблем е тоа што општините ангажираат мал број лица и затоа апелирам општините да го зголемат бројот на лица кои ќе работата на овие предмети”, истакна Јанакиески.

Министерот додаде дека согласно Правилникот за урбанистичко планирање, кога се работи за бесправни објекти за кои е завршена постапката за утврдување на правен статус, земјиштето, односно дворното место треба да изнесува до 30% од вкупната парцела на која е изграден објектот и истото може да се откупи по намалените цени кои се во важност согласно одлуката на Владата.