BNP Paribas ќе плати скоро девет милијарди долари, најголемата казна изречена на странска банка во САД

22

BNP PARIBAS DÉMENT TOUTE AUGMENTATION DE CAPITAL EN ACTIONS ORDINAIRES

Францускиот банкарски гигант BNP Paribas ја призна вината по девет точки од американското обвинение за фалсификување на деловни документи и за криминално здружување со цел кршење на американските санкции врз Судан, Куба и Иран, јавува Reuters.

Во случајот е постигната спогодба според која BNP, поради кршење на американските закони, ќе плати оштета од 8,97 милијарди долари, што е најголема парична казна во американската историја.

Помошникот државен обвинител во сојузната држава Њујорк, Тед Старишевски, изјавил дека банката се впуштила во планирање на долгорочно кршење на прописите.

“За ваквото однесување знаеше и самиот врв на BNP“, додаде Старишевски.

Главниот правен застапник на BNP, Џорџ Дирани, пред судот во име на својот клиент, признал дека банката во периодот од 2004 до 2012 година презела чекори за да ги избегне санкциите кои Америка ги наметна врз Судан, Куба и Иран.

“Длабоко жалам за минатите одлуки и активности што доведоа до оваа спогодба. Неуспесите што излегоа на виделина по истрагата беа спротивни на принципите на BNP Paribas“, вели Жан Лорен Бонафе, главен и извршен директор на BNP Paribas.

Спогодбата од 8,97 милијарди долари, што американските власти ја објави во понеделникот, претставува најголемата казна во американската економија поради санкции што се наметнати врз други држави.