Богов очекува потврда од ММФ дека Македонија е во добра финансиска кондиција

22

3C80F9A7CBE40E4EB046EDB6FA2D7B60По вчерашното завршување на Програмата за претпазливост, Мисијата на ММФ го започна мониторингот на состојбите во македонската економија.

Гувернерот Димитар Богов, кој вчера се сретна со членовите на Мисијата, очекува таа да потврди дека Македонија е во добра финансиска кондиција и дека може без проблем да ги сервисира обврските од кредитната линија за претпазливост.

“Вчера ја имавме првата почетна средба со Мисијата на ММФ. Целта на оваа мисија, наречена постпрограм мониторинг значи следење на состојбите по завршувањето на програмата што ја имаше Македонија, односно кредитната линија за претпазливост”, изјави денес Богов.

Тој очекува да нема позасилен мониторинг, и според него мисијата е за потребите на ММФ, а не за земјата. Гувернерот додава дека се се сведува на стандардни консултации и дека во рамки на тоа се прави мало дополнително скенирање на состојбите, за ММФ да оцени какви биле ефектите од програмата што сме ја имале во претходните две години.

“Целта на ММФ секогаш е да видат дали земјата може да ги враќа обврските што ги напрвила кон ММФ, затоа што пред се заинтересирани се да ги добијат парите назад. Не се сомневам дека нивниот конечен заклучок ќе биде дека Македонија е во добра финансиска кондиција и дека може без проблем да го врати кредитот што го користеше од ММФ пред две години”, истакна Богов.

Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд ќе престојува во Македонија до 16-ти овој месец и ќе се сретне и со министерот за финансии Зоран Ставрески, со банкари, бизнисмени и други.