Божиќ во Европа: (Не)возможна мисија

138

Европските земји почнуваат да разгледуваат чекори за ублажување на ограничувањата. Повеќето земји во Западна Европа воведоа сериозни ограничувања кон крајот на октомври, надевајќи се дека ширењето на коронавирусот ќе се стабилизира пред Божиќ.

Дури и Шведска, којашто одби да воведе карантин за време на првиот бран на коронавирусот, сега е скандинавска земја со најстроги ограничувања.

Под мотото Да го спасиме Божиќ, владите во Европа сега разгледуваат стратегии за помош, но за разлика од летото, не се очекува целосно олеснување на мерките, пишува FT.

Во Британија, Франција и Ирска ограничувањата треба да завршат на почетокот на декември.

Во говорот пред парламентот, британскиот премиер Борис Џонсон веќе ги објасни своите планови. Отстранувањето на ограничувањата во земјата ќе започне на втори декември, но под посебни услови. Генерално, продавниците, спортските сали и фризерските салони ќе можат повторно да се отворат, а ќе бидат дозволени и спортови на отворено.

Сепак, потребни се дополнителни мерки во различни области, како што се ограничувања на патувањето и работа од дома, каде што е можно, ограничена публика на спортски настани, итн.

Во области со голем број заразени, рестораните ќе можат да доставуваат храна само до домовите, а сите настани и активности во затворено се забранети. Во овие области, владата започнува и масовно тестирање на населението за коронавирус.

“Не можам да кажам дека Божиќ ќе биде нормален оваа година“, рече Џонсон пред парламентот.

Планот за отворање на Франција е во три чекори. Од први декември се очекува да се отворат продавници кои не нудат основни производи, но во согласност со строги безбедносни протоколи. Забраната за патување се очекува да биде укината пред Божиќ.

Во Италија се подготвуваат да отворат продавници во одредени области 10 дена пред Божиќ. Но, семејните собири ќе останат ограничени.

Германија воведе строги ограничувања на почетокот на ноември и планираше поподнослив Божиќ, но податоците покажуваат дека случаите на Ковид не опаѓаат толку брзо колку што сака владата. Баварскиот премиер Маркус Шодер изјави дека ограничувањата ќе треба да продолжат уште две или три недели, па дури и да се засилат за да “имаме прекрасен Божиќ“.

Но, дури и ако ограничувањата за Божиќ се олабават, прославата на Новата година дефинитивно е одложена. Шодер повика на забрана за продажба на алкохол и огномет на јавни места на 31 декември и зборуваше против зимските празници во скијачките центри.

Фото: Pixabay