
Нема да има никаква криза, државата има резерви на мазут – рече денеска министерката за енергетика Сања Божиновска и информира дека барањето на ЕСМ за прогласување кризна состојба ќе се разгледува на утрешната владина седница.
Како што информира Божиновска, одговорајќи на прашања по денешниот брифинг со новинарите, државните резерви ќе го снабдат ЕСМ со мазут.
– ЕСМ поднесе писмо до Владата, тоа ќе се разгледува утре на владина седница. Утре ќе дискутираме и ќе знаете утре што ќе се договориме на Влада. Нема да има никаква криза, за граѓаните тоа нема да значи ништо бидејќи државата има резерви на мазут. Тоа значи ако знаете дека има протести со Грците и повеќе 30 дена има неможност да се набави мазут, тоа значи дека државните резерви ќе го снабдат ЕСМ со мазут. Нема да има никакво влијание на снабдувањето. Постои мазут во државата, ако не го земат од Грција, ќе го земат од резервите – истакна Божиновска, одговорајќи на новинарско прашање дали има проблем со набавка на мазут и дали ќе биде прогласена кризна состојба.











