Brando – тропски еко ресорт што користи сончева енергија и вода од океанот

27

Луксузниот еко ресорт Brando е сместен на атолот Тетиароа, којшто се наоѓа во Пацификот. Името го добил по легендарниот актер Марлон Брандо кој бил сопственик и се залагал местото да стане самоодржливо и еколошко парче рај.

Иако цената за ноќевање во двособен бунгалов е 3.700 долари, што не може да си ја дозволи секој, моменталниот сопственик на Brando, Ричард Бејли работи на тоа да ја оствари желбата на актерот.

Ресортот е речиси ослободен од комарци благодарение на специјална програма за стерилизација, пишува BBC. Струјата во комплексот се добива од сончевата енергија, генерирана преку сончеви панели и биогориво од кокосово масло, додека вишокот вода се користи за наводнување.

За ладење ресортот користи технологија на “затворена размена“ што ја зема ладната вода од длабочините на океанот (900 метри) со којашто ја лади свежата вода и воздухот што циркулира во комплексот. Системот за ладење работи благодарение на притисокот од водата и користи минимално количество електрична енергија.

Тимот одговорен за Brando планира да користи и дрон со дијаметар од 2,2 метри за да исчисти уште едни штетници на атолот – стаорците, со помош на отровна мамка што не привлекува други животни од околината.

Фото: The Brando