Бугарија: Еден милион евра за 20 нови трговски претставништва

67

rolls

Бугарија до крајот на годинава ќе отвори 20 нови трговски претставништва, главно на Блискиот исток и во африканските држави, за што владата вчера одобри еден милион евра.

Средствата се одобрени за финансирање на нови претставништва во Обединетите Арапски Емирати, Оман, Саудиска Арабија, Катар, Иран, Ирак, Алжир, Тунис, Гана, Ангола, Индонезија, Тајланд, Малезија, Пакистан, Ерменија, Туркменистан, Монголија, САД (Чикаго), Унгарија и Кипар.

Сега државата има трговски претставништва во 44 земји, во кои има 61 вработени. Во Европа работат 22 служби, останатите 15 се во Азија, Америка, Блискиот Исток и Северна Африка.

“Напорите се насочени кон привлекување на инвестиции и туристи и зголемување на извозот во Азија поради брзиот раст на азиските економии”, стои во соопштението, пренесуваат бугарските медиуми.

Водечки трговски партнери на Бугарија во Азија се Кина, Сингапур, Јужна Кореја, Индија и Јапонија. Освен со брз економски раст и раст на инвестициите, земјите од Азија се привлечни како пазар со големата потрошувачка и зголемување на куповната моќ на населението. Тие се главни увозници на суровини, земјоделски и прехранбени производи.

Ист е мотивот за интересот на Бугарија за соработка со земјите од Блискиот Исток и Африка, кои според оценката на кабинетот се перспективни и финансиски стабилни пазари со традиционално значење и потенцијал за бугарскиот извоз и привлекување на туристи.

Според Владата, по врвот на глобалната криза, Бугарија почна да заздравува и да го активира извозот. Според податоците за 2013 година, извозот во земјите од ЕУ се зголемил за 9,1%, а кон трети земји за 3,5%.

Анализите на Европската комисија покажуваат дека 90% од глобалниот економски раст во следните 10-15 години ќе биде генериран во земјите надвор од ЕУ, а само на Кина ќе паѓа околу една третина од очекуваното зголемување, се наведува во владиното соопштение.