Ценовни парадокси во ЕУ: Каде одат најмногу пари од буџетот на европските домаќинства?

Трошоците за потрошувачка на домаќинствата во Европската Унија продолжуваат значително да варираат меѓу земјите-членки. Според податоците на Евростат за 2025 година, нивоата на цените за финална потрошувачка на домаќинствата се движеле од 140 проценти до само 63 проценти од просекот на ЕУ.

Највисоките цени се забележани во Данска, каде што трошоците за живот достигнаа 140 проценти од просекот на ЕУ, по што следуваат Ирска со 136 проценти и Луксембург со 132 проценти од просечното ниво на цени во Унијата. Од друга страна, најниските цени се регистрирани во Бугарија, каде што изнесуваа 63 проценти од просекот на ЕУ, по што следуваат Романија со 65 проценти и Полска со 73 проценти од европскиот просек.

Најголемата поединечна ставка во буџетите на европските домаќинства – трошоците за домување – покажа значителни разлики меѓу земјите-членки. Цените на домувањето се движеа од дури 190 проценти од просекот на ЕУ во Ирска до само 41 процент од просекот во Бугарија.

Спротивно на тоа, цените на храната и безалкохолните пијалоци, кои претставуваат втора најголема категорија на потрошувачка на домаќинствата, најмалку варираа меѓу земјите-членки. Највисоките цени во оваа категорија се забележани во Луксембург и изнесуваа 122 проценти од просекот на ЕУ, додека најниското ниво е регистрирано во Романија, каде што цените беа на ниво од 80 проценти од европскиот просек.

Најголеми разлики меѓу земјите се забележани во областа на образованието, кое учествува со најмалиот дел од вкупната потрошувачка на домаќинствата во Европската Унија. Трошоците за образование во Луксембург достигнаа дури 334 проценти од просекот на ЕУ, додека во Романија тие изнесуваа само 42 проценти од европскиот просек.

Евростат забележува дека овие индикатори претставуваат споредба на нивоата на цените и не се прилагодени за разликите во приходите и заработката на населението, поради што повисоките нивоа на цените не мора да значат понизок животен стандард.