Чии акции се најпривлечни за тргување?

132

Со 60.543 истргувани акции, Комерцијална банка е предводник на листата топ 10 најтргувани акции на официјалниот пазар на Берзата во третиот квартал од оваа година, покажува Кварталниот извештај на Комисијата за хартии од вредност (КХВ).

Меѓу акциите коишто имаат најголемо учество во вкупниот промет на официјалниот пазар, во третиот квартал од годинава, беа и оние на: Алкалоид, Гранит, Макпетрол, НЛБ Банка, Стопанска банка Скопје, Прилепска пиварница Прилеп, Жито Полог Тетово,

Вкупниот промет реализиран со 10-те најтргувани акции на официјален пазар (без блок трансакции) во третиот квартал 2020 година изнесува 868.464.234 денари (околу 14,12 милиони евра) и претставува 95% од вкупниот квартален промет остварен на официјален пазар.

Во периодот јули-септември од 2020 година, на официјалиот пазар, топ четири најтргувани беа акциите издадени од Комерцијална банка АД Скопје, со вкупен промет од 386,54 милиони денари ( околу 6,28 милиони евра), потоа следат акциите издадени од Алкалоид АД Скопје со вкупен промет од 150,67 милиони денари (околу 2,6 милиони евра), па акциите на Гранит АД Скопје со вкупен квартален промет од 89,21 милиони денари (околу 1,45 милиони евра) и на крајот акциите на Макпетрол АД Скопје со вкупен промет од 81,61 милиони денари (околу 1,32 милиони евра)

Концентрацијата на прометот на официјалниот пазар со овие четири акции, и покрај намалувањето на нивниот збирен промет во апсолутен износ за 29,5% овој квартал во однос на претходниот, како што се наведува во извештајот, останува и понатаму висока, со нивно збирно учество од 77% во вкупниот квартален промет на официјален пазар во третиот квартал.

Податоците за пазарната капитализација на 10-те најтргувани акции на официјален пазар во третиот квартал, покажуваат раст од околу 9,87% во однос на пазарната капитализација постигната на последниот ден на тргување во вториот квартал, иако сè уште таа во споредба со последниот ден на тргување во 2019 година е помала за 1,1%.

Анализирано по издавачи, најголем раст бележат акциите на Универзална Инвестициона Банка АД Скопје, чија пазарна капитализација на последниот ден на тргувањето во третиот квартал 2020 година е за 16,50% повисока, како и акциите на Стопанска банка АД Битола чија пазарна капитализација бележи раст од 12,36%, споредбено со нивната вредност постигната на крајот на вториот квартал 2020 година. Меѓутоа, во споредба со последниот квартал од 2019 година, со исклучок на акциите на Алкалоид, Комерцијална Банка и на НЛБ Банка, кај сите останати топ-10 акции (според тргување на официјален пазар во третиот квартал од 2020) е регистриран пад кој се движи во распон од -2% до -20,87%.

Фото: Freepik