Дали Credit Suisse е на работ на банкрот?

155

Швајцарската банка Credit Suisse наводно има проблем со капитализацијата и ликвидноста што може да заврши како Lehman Brothers. Сепак, економските аналитичари тврдат дека тоа нема да се случи, а и да се случи, нема да биде толку драматично како во 2008 година.

Да потсетиме, со месеци во јавноста се зборува дека швајцарската инвестициска банка има проблем со нивото на капиталот, а овој впечаток го засили и заминувањето на дел од раководните лица од Credit Suisse, како и тоа што не ги објавува истечените договори на своите вработени.

Акциите изгубија 60 отсто од вредноста

Поради сето наведено, ризикот од банкрот на Credit Suisse Group се искачи на рекордно високо ниво, додека во исто време акциите паднаа на најниско ниво – во текот на оваа година изгубија 60 отсто од вредноста. Работите да бидат уште полоши, според Ројтерс, во последните три квартали таа банка изгубила четири милијарди долари.

Јавноста беше особено загрижена кога се дозна како банката стои со финансискиот инструмент кој значително ја засили последната финансиска криза – кредитните свопови. Кредитните свопови се еден вид осигурување при тргување со корпоративни обврзници. Имено, доколку тие компании банкротираат, тогаш се активираат кредитни свопови и на сопственикот на нејзините обврзници му се исплаќа отштета. Се разбира, колку поризично работи компанијата, толку поскапи се своповите. Тука доаѓаме до главниот проблем – цената на петгодишните кредитни свопови во случајот на банката Credit Suisse сега е речиси десет пати повисока (293 базични поени) отколку на почетокот на годината кога изнесуваше 55 поени.

Сепак, познатиот економист Мохамед Ел-Еријан тврди дека банкарите не ги фаќа паника за состојбата во која се наоѓа оваа банка колку што е исплашена јавноста од настаните од 2008 година. Да потсетиме дека по финансиската криза банките беа предмет на построги прописи и обврска за подобро капитализирање. Credit Suisse е една од најдобро капитализираните банки во Европа, но сега има потреба од милијарди долари за финансирање на реструктуирањето и неговите зголемени правни трошоци. Сепак, не е се во парите, велат аналитичарите, туку и во имиџот и довербата на јавноста, а имиџот на швајцарската банка е сериозно разнишан, пренесува Банкар.ме.