Deliveroo доживеа дебакл на берзата во Лондон

31

Акциите на британскиот старт – ап Deliveroo за достава на храна, зад којшто стои американски Amazon, забележаа голем пад од 30% на денешното деби на Лондонската берза, каде што ја најавуваше иницијалната јавна понуда и доживеа дебакл.

Во рок од само неколку минути од отворање на берзата, пазарната вредност на Deliveroo е намалена за 2,28 милијарди фунти, задавајќи им удар на амбициите на Велика Британија поврзани со привлекување на брзорастечки технолошки компании на лондонскиот пазар на хартии од вредност, пренесува Ројтерс.

Долгоочекуваното котирање на Лондонската берза во последните 10 години, тамошниот министер Риши Сунак го најави како “британска успешна технолошка приказна“ којашто би можела да го “расчисти“ патот на иницијални јавни понуди на технолошки компании на Лондонската берза.

Некои од најголемите британски инвестициони компании го игнорирале котирањето на Deliveroo на берза, наведувајќи дека се загрижени поради условите за работа кај хонорарно ангажираните работници и поради структурата на сопственичкиот удел.

Основачот на Deliveroo, Вил Шу го задржува сопственичкиот удел од 6,3%, но ќе има 57,5% од гласачкото право во следните три години, а со таква структура компанијата не би можела да биде на таканаречениот prime listing што овозможува пристап до главните индекси на берзата.

На самиот старт акциите се продавале по цена од 3,90 фунти, при што пазарната вредност на компанијата била 7,6 милијарди фунти, а потоа се намалила на само 2,71 фунта по акција.

Фото: Pexels