Денови на македонскиот мед 2015 од 24-ти до 26-ти септември во Скопје

21

Денови на македонскиот мед 2015 од 24-ти до 26-ти септември ќе се организираат на улицата Македонија во Скопје.

На оваа манифестација ќе бидат изложени мед и пчелни производи од пчелари од целата земја. Покровител е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а е во организација на пчеларското здружение Матица Скопје.

Како што информира претседателот на ПЗ „Матица Скопје“, Јане Марков на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, посетителите на фестивалот ќе можат да дегустираат мед, а со нив ќе се водат и отворени разговори со цел да им се доближи медот и пчелните производи: матичен млеч, полен, прополис, пчелин отров и восок, како здрава храна и да се промовира пчеларството како значајна стопанска гранка и добар бизнис.

“Во Македонија постојат над 4.000 пчелари со повеќе од 80.000 пчелни семејства од кои над 150 пчелни семејства имаат 2,1%, речиси 30% имаат од 50 до 150 пчелни семејства, 49,4% од 20 до 50, а 18,4% од едно до 20 пчелни семејства. Во земјава најмногу од пчеларите, дури 83,5% практикуваат стационарно пчеларење кое дава помал принос, а само 16,5% селидбено пчеларење“, рече Марков, пишува Миа.

Тој посочи дека од едно пчелно семејство во Македонија во просек се добиваат по 12 килограми мед годишно и додаде дека во земјава на годишно ниво се троши само по 700 грама мед по глава на жител, додека во Германија потрошувачката е 9, а во Јапонија дури 16 килограми по жител.