Деветта конференција за платни системи и системи за порамнување на хартии од вредности на НБРМ  

25

Народната банка на Република Македонија, во периодот од петти до осми јуни 2016 година, во Охрид, е домаќин на Деветтата конференција за платните системи и системите за порамнување хартии од вредност, којашто традиционално се одржува во соработка со централните банки на Холандија и Португалија.

Конференцијата има меѓународен карактер и во неа учествуваат претставници од Европската централна банка, централните банки на Албанија, Белорусија, Бугарија, Грузија, Ерменија, Косово, Молдавија, Мароко, Полска, Романија, Словачка, Хрватска, Црна Гора, Чешка, финансиската институција Комерцбанк (Commerzbank), како и претставници од деловни банки, регулатори на инфраструктурата на финансиските пазари и останати финансиски и нефинансиски институции во Република Македонија.

Во рамки на Конференцијата, особено внимание ќе му биде посветено на процесот на усогласувањето на македонското законодавство во доменот на платните системи и платежните услуги со регулативите на ЕУ. Експерти од ЕУ, претставниците од домашниот банкарски сектор и претставниците на останатите домашни обезбедувачи на платежните услуги, ќе развијат интерактивна дискусија и ќе се осврнат на новиот нацрт – пакет на македонското законодавство во доменот на плаќањата. Се очекува дека новата правна рамка ќе ја поттикне конкуренцијата, со дозволувањето влез на небанкарскитe институции на пазарот, зајакнувањето на правата на корисниците на платежните услуги за добивање појасни и навремени информации, пониските цени на платежните услуги за корисниците на плаќање, како и со воспоставувањето правна основа за побрза интеграција на Република Македонија во ЕУ и вклучување во Единствената европска платежна област.

Покрај тоа, Конференцијата ќе опфати теми преку кои предавачите ќе се осврнат и на тековниот развој на правната рамка за регулирање на плаќањата на европско ниво, со посебен акцент на новата ревидирана директива за платежни услуги, стратегиската визија 2020 на Евросистемот, најновите иновации во рамките на Единствената европска платежна област, софистицираните решенија за плаќања во ерата на електронската трговија и дигиталните комуникации. На Конференцијата ќе се разгледаат и прашањата за развојот на безбедноста на плаќањата, усогласеноста со регулативата, финансиската вклученост, каналите за дистрибуција на готовина и плаќањата на трезорскиот систем.

Со организација на Конференцијата, Народната банка во континуитет придонесува за зајакнување на сопствениот капацитет и капацитетот на останатите учесници, за да можат соодветно да одговорат на најновите предизвици во сферата на плаќањата, коишто произлегуваат од технолошкиот развој, иновациите и промените во регулативната рамка како на европско, така и на светско ниво.