Џепарлак – чекор кон развивање добри финансиски навики кај децата

112

Џепарлакот е ограничен износ на готовина што родителите им го оставаат на своите деца. Зад себе носи лавина заблуди, бидејќи многу родители се прашуваат дали џепарлакот им е неопходен на децата, иако тие им ги купуваат сите работи што им се потребни, на која возраст треба да почнат да им даваат на децата џепарлак, колку пари треба да им даваат и со која динамика, дали еднаш неделно или по потреба…

Почетокот на учебната година за секое дете значи нов почеток преполн со предизвици, промени, нови работи, учење, дружење… Сите овие работи се новост за детето, па можеби и вистинско време за стекнување здрави финансиски навики. За динамиката и висината на џепарлакот, родителите би требало да се договорат со своите деца. На тој начин, родителите испраќаат сигнал до детето дека им е важно неговото мислење. Тоа за детето значи одобрување и стекната доверба што треба да се труди да не ја злоупотреби.

Принципот на меѓусебно почитување е мошне важен, бидејќи и децата и родителите треба да го почитуваат она што го договориле. Тоа значи, ако е договорено џепарлакот да се исплаќа секоја среда, родителите да се држат до тоа. Исто така, ако е договорено добиените пари да не се трошат на брза храна, газирани сокови… децата да се држат до тоа.

Износот не мора и не треба да биде голем, бидејќи родителите и понатаму ќе ги покриваат најголемите трошоци. Сепак, парите треба да поттикнат поголема одговорност кај децата бидејќи со себе носат пари за кои треба да внимаваат и да знаат како паметно да располагаат.

Детето на крајот треба само да одлучи на што ќе ги троши парите што ги добива од своите родители, кои од моментот кога му го дале првиот џепарлак, треба да му даваат насоки за правилно и соодветно располагање со парите.

Родителите се модел којшто го следат децата. Така, ако родителите не умеат да располагаат со пари од семејниот буџет, ако трошат на непотребни работи, не заштедуваат за “црни денови“, така ќе прават и децата. Затоа, важно е родителите, во рамки на своите финансиски можности, да умеат да располагаат со пари за да можат и децата да го следат тој пример.

Џепарлакот не треба да значи дека детето треба да се расфрла со парите на родителите или дека родителите немаат контрола врз тоа што и како трошат децата. Напротив, тоа треба да биде првиот чекор кон градење здрави долгорочни финансиски навики.

Фото: Pixabay