До пет нови европски дестинации за 20 до 30 евра

21

wizzair

Нискобуџетната авиокомпанија Визер, од 30 јуни, ќе лета од Скопје до Барселона секој вторник и сабота за 1.799 денари или 30 евра. По истата цена, од 29 јуни, ќе може да се патува и од Скопје за Осло, пишува Миа.

Покрај тие две дестинации, согласно договорот на македонската Влада за субвенционирање нискобуџетни летови, Визер воведува дестинации од аеродромот Александар Велики до Хамбург и до Нирнберг секоја среда и недела од први јули годинава по цена од 1.499, односно 1.199 денари. За Фридрихсхафен, исто така, од крајот на јуни Визер ќе реализира летови по цена од 1.199 денари. Толку ќе чини и рутата од охридскиот аеродром Св. Апостол Павле до Базел што Визер ќе ја опслужува двапати неделно од први јули.

Џон Стивенсон, заменик директор на Визер денеска во присуство на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески најави и зголемување на фреквенцијата на постоечките 14 рути, како и вклучување на трет воздухоплов од типот Ербас 320 во базата во Скопје. За Малме, неделните летови од јуни се зголемуваат од пет на седум, за Гетеборг од три на четири, а за Келн, Франкфурт, Милано и Париз наместо два пати Визер ќе лета по три пати неделно.

“Со новите линии создаваме можност преку евтини авиобилети да се посетат посакуваните и најатрактивните градови во Европа. Создаваме услови македонските граѓани да ги посетат глобалните спортски настани, културни манифестации, а бизнис заедницата да ги прошири деловните контакти“, рече министерот Јанакиески.

Визер и во изминатите три години со субвенции од македонската Влада реализираше летови од Македонија.

Во соработка со концесионерот на македонските аеродроми ТАВ Македонија, унгарскиот авиопревозник ги промовираше новите дестинации со организирање специјален бесплатен лет за 50-тина штитеници од Домот за деца без родители 11 Октомври од аеродромот Александар Велики до воздушниот простор над Охридското Езеро.