Добивка од 1,7 милијарда денари за НЛБ Банка во 2020 година

130

НЛБ Банка минатата 2020 година ја заврши со добивка од 1.704.271.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Една година претходно, банката прикажа добивка од 1.849.918.000 денари.

“Нето добивката на банката заклучно со 31.12.2020 година изнесува 1.704.271.000 денари и е намалена за 7,9% во однос на истиот период претходна година“, стои во Анализата на финансиските резултати.

Нето каматните приходи, заклучно со 31.12.2020 година, според Анализата, се пониски за 1,6% споредено со истиот период претходната година, при што приходите од камати се пониски за 4,4%, главно поради пониски каматни приходи од секторот нефинансиски правни лица и вложувања во хартии од вредност, додека расходите по камати се пониски за 19,9% главно поради пониски каматни стапки, преструктурирање на изворите во корист на средства по видување и намалување на расходи за субординирани обврски.

Нето приходите од провизии, како што се наведува во Анализата, се повисоки за 1,7% споредено со истиот период претходната година, при што приходите од провизии се зголемени за 0,8% како резултат од зголемени приходи од ПОС терминали и повисоки приходи од брокерско работење поради зголемен обем на тргување со хартии од вредност. Расходите за провизии се намалени за 0,8%, главно поради одлуката на НБРСМ за времено укинување на надоместоците за вршење на кеш услуги.

“И покрај променетите деловни услови, Банката во 2020 година продолжи со активности за зголемување на понудата за клиентите со нови продукти и платни сервиси. Од август на клиентите во понуда е МКлик мобилен кредит, целосно дигитализиран кредит преку мобилната апликација на Банката, како и потрошувачки кредити за енергетска ефикасност за физички лица и кредити за регионална конкурентност за мали и средни претпријатија од кредитната линија на ЕБРД. Во месец август Банката ја прошири деловната мрежа со нова Експозитура – Тафталиџе во Скопје, додека пак на сите свои клиенти им овозможи електронско ажурирање на личните податоци. Навремената и брза реакција и донесе на Банката значајни постигнувања како: вредност на вкупна актива над 96,5 милијарди денари (1,5 милијарди евра), вкупно бруто кредити над 57 милијарди денари (940 милиони евра) и вкупен број на клиенти над 800 илјади. Банката активно учествуваше во реализација на владините мерки за поддршка и помош на населението, а даде свој значаен придонес кон општеството преку реализација на низа општествено корисни мерки за олеснување на финансиското оптоварување во време на криза, реализирање на успешни проекти и донации на оние кои им беше најпотребно. Инвестициите во дигитализацијата и новите технологии, подобрениот квалитет на средствата, посветеноста на сите вработени, како и постигнатите извонредни финансиски резултати во 2019 година, во текот на 2020-та беа наградени од: – Финансискиот магазин ЕМЕА на Europe Banking Awards 2019 каде НЛБ Банка АД Скопје, четврта година по ред, e избрана за Најдобра банка во C. Македонија; – Финансискиот магазин Finance Central Europe кој ја прогласи НЛБ Банка АД Скопје за Најдобра банка во Северна Македонија по ROE (поврат на капитал) 2020“, стои во Анализата.

Во 2021 година година, како што се наведува, останува фокусот на Банката да биде насочен кон справувањето со пандeмијата КОВИД-19, како клиентски ориентирана Банка која редовно превзема мерки за заштита на своите клиенти и нуди најоптималните решенија. Банката, како современа и креативна банка, ќе продолжи да ги следи светските технолошки трендови, истовремено насочувајќи ги своите ресурси кон позитивните придобивки од кризата како што се забрзаната дигитализација и развојот на нови бизниси, проследено со континуирано унапредување на банкарските процеси.