Добивка од 322.000 денари за Факом во првите три месеци

22

fakom

Компанијата Факом во период од први јануари до 31-ви март работеше со добивка во вредност од 322.000 денари, покажува неконсолидираниот биланс на успех, објавен на Македонска берза.

Во истиот период минатата година, компанијата прикажа загуба од 26.509.000 денари.

Вкупните приходи од продажба на компанијата се во висина од 375.315.000 денари, додека во првото тримесечје од 2014 година приходите беа на ниво од 133.266.000 денари.

Од вкупниот износ, на приходи од продажба на домашен пазар отпаѓаат 131.297.000 денари, додека поголемиот дел од 244.018.000 денари е остварен на странски пазари.

“Факом и во  овој квартал од 2015 година, како извозно ориентирана компанија, продолжи да го следи трендот во металопреработувачката индустрија во развиените земји за инвестирање во високо софистицирана опрема и машини во насока на потесна специјализација и да го задржи неопходното ниво на широк спектар на услуги со значителен удел на мануелен труд, заради одржување на домашните индустриски и енергетски капацитети. А со цел максимално исполнување на потребите и очекувањата на познати и непознати купувачи и добавувачи, притоа наша трајна цел и понатаму ќе остане подобрување на нашата пазарна позиција со производи и услуги високо квалитетни за нашите клиенти“ стои во образложението кон билансот на успех.