Доделување концесија за изградба на хидроелектрични централи на Црна Река

73

0848D19CA1A7C243A65F6BBE7096C31AВладата на Република Македонија донесе одлука за почнување постапка за доделување концесија за изградба на ХЕЦ Чебрен и Галиште, со цел побрзо да почне искористување на енергија од обновливи извори.

“Во услови кога настојуваме да водиме експедитивна и квалитетна политика во областа на водите и енергетиката, со посебен акцент на искористување на обновливите извори на енергија кои имаат се поголемо значење за сигурноста и безбедноста во снабдувањето со енергијата и особено за зачувувањето на животната средина, Министерството за животна средина и просторно планирање ги забрза активностите во насока на реализација на овој проект. За таа цел предложивме, Владата на Република Македонија да донесе Одлука за започнување на постапка за доделување на концесијата за користење на вода за производство на електрична енергија и изградба на хидроелектрични централи на Црна река, со одредени измени во однос на претходните тендери, со цел успешно завршување на тендерот”, рече Абдилаќим Адеми, министер за животна средина и просторно планирање.

Со оваа oдлука на Влада се предвидува висината на браната на ХЕЦ Чебрен да биде флексибилна помеѓу 182.5 и 192.5 метри со индикативен минимален вкупен инсталиран капацитет од 333 MW, и можност за поставување на четири агрегати на ХЕЦ Чебрен.

Исто така треба да се овозможи изградба на прибранска хидроцентрала на браната Орлов Камен, а со која нема да биде оневозможено градењето на ХЕЦ Галиште во иднина. Минималниот процент кој треба да биде понуден за ЕЛЕМ во заедничката компанија да биде 35%.

Штом ХЕЦ Чебрен ќе почне работи во пумпен режим, цената за пренос на електрична енергија која се плаќа на АД МЕПСО ќе биде фиксна и ќе важи за целиот концесиски период на ниво од тарифата за 2013 год определена во висина од 4,4 евра по MWh.

ХЕЦ Тиквеш се отстапува на концесионерот по три месеци по потпишувањето на концесискиот договор

Постапката за доделување на концесија ќе ја спроведе Комисија во која ќе бидат вклучени сите релевантни институции од областа на водите, енергетиката, економијата, транспортот и финансиите, а значајна улога и понатаму ќе има Интернационалната финансиска корпорација – IFC која ќе подготви тендерска документација, со предвидените измени.

“Се очекува во најкус можен рок да се објави јавниот повик за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река, и верувам дека потенцијалните концесионери ќе бидат задоволни со измените што се направени во овој тендер. Јавниот повик, освен во домашните весници, ќе биде објавен и во еден меѓународен весник”, додаде Адеми.