Дополнителни дозволи и либерализација на превозот со Романија

17

Македонско – романската мешовита комисија за меѓународен превоз на патници и стока во патниот сообраќај постигна договор за либерализација на билатералниот и транзитниот превоз за превозници кои вршат превоз на стока за сопствени потреби. За овие превозници превозот ќе се врши без режим на дозволи, се наведува во соопштението на Министерството за транспорт и врски.

На состанокот што се одржа во изминатите два дена во Букурешт, комисијата потпиша протокол, со што стапува во сила договорената либерализација.

Договорено е за годинава да се размени дополнителен контингент од 350 билатерално транзитни транспортни дозволи за превоз на стока и 50 дозволи за и од трети земји. Договорено е и од 17 јуни годинава да се укине патната такса за дозволите за и од трети земји за македонските транспортери која досега изнесуваше и до 700 евра по тура.

Постигнат е договор и за прелиминарна квота на дозволи за превоз на стока за 2015 година. Опфаќа 3.850 билатерални транзитни дозволи за сите категории за возила, 1.000 билатерално – транзитни дозволи за возила со минимум еуро три стандард и 500 дозволи за и од трети земји без наплата на патна такса.  Договорената квота на дозволи за и од трети земји без такса за следната година е за 40% поголема од досегашната.

“Министерството за транспорт и врски континуирано одржува состаноци на мешовитите комисии за превоз во меѓународниот патен сообраќај за дополнување на квотите на транспортни дозволи и либерализирање на превозот со земјите со кои остваруваме економска размена со цел овозможување непречен транспорт за македонските транспортери. Преку овие активности веќе е овозможено целосно либерализирање на превозот на повеќе земји со кои Република Македонија остварува економска размена, како и дополнување на контингентите за земјите со кои се разменуваат транспортни дозволи“, стои подолу во соопштението.