Досега откупени 75.000 тони пченица

19

Вкупно 75.000 тони пченица се откупени досега по просечна цена од 11 денари за килограм, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков на денешната средба со новинарите.

Приносот годинава е рекорден, од 3,5 тони на хектар до дури шест тони во Пелагонија, но квалитетот е послаб. Големите земјоделски стопанства немаат никаков проблем, ниту со количината, ниту со квалитетот зашто користат сертифицирано семе и применуваат соодветни агротехнички мерки.

“Владата ќе продолжи да ги поддржува земјоделците, да им помага, особено на помалите, но и тие од своја страна треба нешто да сторат. Мора да го подобрат производството, да употребуваат квалитетно, сертифицирано семе, и соодветно да ја обработуваат почвата“, истакна Цветков, пренесува Миа.

Откако е на оваа функција, министерот одржал најмалку 15 средби со производителите и преработувачите од речиси сите земјоделски сектори. Приоритет остануваат, нагласи, стратешките култури како пченицата, тутунот и лозовите насади.