Дури 82,1% од македонскиот извоз завршил во ЕУ

12

Македонија во јануари годинава извезла стоки во вкупна вредност од 318.574.000 американски долари, а увезла стоки за 506.431.000 долари. Покриеноста на увозот со извоз е 62,9%, а трговскиот дефицит изнесува 187,857 милиони долари.
Според податоците на Државниот завод за статистика, најголемо учеството во извозот имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, феросилициумот, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, суровата нафта, електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Најмногу стоки од Македонија дури 82,1% се извезени во земјите од Европската унија, по што следат заемјите од Западен Балкан 11,7%. Европската унија е на првото место и по увозот на стоки во Македонија. Од земјите-членки на ЕУ се увезени дури 65,5% од вкупно увезените стоки во земјава.
Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија со кои е реализирана 54,2% од вкупната надворешно-трговска размена.