ДЗС: Во 2014 година регистрирани над 7.160 новосоздадени претпријатија

17

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2014 година се регистрирани 7.161 новосоздадено претпријатие што претставува 10,6% од вкупно активните претпријатија во Македонија.

Во однос на 2013 година е забележан пораст на новосоздадените претпријатија за 5,2%. Гледано по сектори на дејност, најголем дел од новосоздадените претпријатија (32,1%) се во секторот Трговија на големо и на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а потоа следат секторот Објекти за сместување и сервис со храна со 11,9%, Преработувачка индустрија со 10,8% и Стручни, научни и технички дејности со 9,3%.
Податоците за структурата на новосоздадените претпријатија, според правната форма, покажуваат дека најголемо учество имаат претпријатијата категоризирани во групата друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва (70,7%).

Вкупно 43,2% од новосоздадените претпријатија во 2009 година сѐ уште биле активни во 2014 година. Најголема стапка на преживување се забележува кај новосоздадените претпријатија кои припаѓаат на секторите Дејности на здравствена и социјална заштита (79,5%) и Стручни, научни и технички дејности (56,9%).

Во 2014 година биле активни 37,6% од новосоздадените претпријатија во 2010 година, 48,1% од новосоздадените во 2011 година, 52,6% од новосоздадените во 2012 и 79,4% во 2013 година. Најголема стапка на преживување во 2010, 2011 и 2013 година имале новосоздадените претпријатија од секторот Дејности на здравствена и социјална заштита, додека кај новосоздадените претпријатија во 2012 тоа се претпријатијата од секторот Финансиски дејности и дејности на осигурување.

Во 2012 година згаснале 9.993 претпријатија, односно 14,3% од вкупниот број на активни претпријатија во наведените сектори.

Најголем број од згаснатите претпријатија припаѓаат на секторот Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли. Анализирано според правната форма, најголемо е учество на згаснатите претпријатија категоризирани во групата друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.