Е – лизинг, нова електронска услуга на Централен регистар

31

Централниот регистар воведува нова електронска услуга за поднесување пријави за регистрација на е – лизинг. Овој систем, што заштедува време и средства, овозможува процесот на регистрација на лизингот да оди целосно преку интернет.

“Системот претставува брзо и модерно решение кое предвидува електронска комуникација и плаќање, скратување и поедноставување на процедурата за регистрирање на лизинг и заштеда на време и средства за целата постапка“, рече премиерот Никола Груевски.

Системот на е – лизинг, според в.д. директорот на Централниот регистар, Андреја Поповски, е целосно усогласен со останатите електронски услуги што се нудат.

“Електронските услуги за нас се приоритетни и тие не се важни сами по себе, туку затоа што овозможуваат значителна заштеда на скапоценото време на правните субјекти, како и заштеда на средствата поврзани со добивањето на крајниот производ од услугата“, рече Поповски.

Меѓу електронските услуги што ги воведе Централниот регистар е онлајн поднесувањето на годишни сметки, систем за издавање електронски потврди, регистар на задолжници, систем на електронска регистрација во трговскиот регистар и регистарот на други правни лица и електронска аукција.