ЕБОР обезбеди три милиони евра поддршка за жени претприемачи во Македонија

36

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) обезбеди три милиони евра кредит како дел од регионалната иницијатива за Западен Балкан – Жени во бизнисот, за финансирање мали и средни претпријатија управувани од жени, јавува Миа.

Овие средства ќе се пласираат преку НЛБ Банка. Програмата е креирана за промовирање на претприемништвото кај жените, помагајќи им на малите и средни претпријатија (МСП) управувани од жени, во пристапот до финансии и советодавни услуги, овозможувајќи им да остварат раст во работењето. Програмата комбинира финансирање, техничка поддршка и деловни советодавни услуги за поддршка на МСП управувани од жени. Техничката помош и советодавните услуги се ко – финансирани од владите на Луксембург и Шведска.

“Охрабрувањето на жените претприемачи е важен дел од активностите на ЕБОР, во насока на остварување на економскиот потенцијал на Македонија и Западен Балкан. Ова е сеопфатна програма којашто има за цел да го надополни јазот во обезбедувањето на финансирање и советодавните услуги за МСП управувани од жени, во побарувачката и набавката. Веруваме дека овие средства ќе бидат успешно пласирани во македонските компании, благодарение на нашиот долгорочен партнер НЛБ Банка АД Скопје“, изјави претставникот на ЕБОР за Македонија, Анка Јоана Јонеску.

Претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје, Антонио Аргир истакна дека Програмата за поддршка на жени во бизнисот, ќе придонесе за понатамошно проширување и збогатување на понудата на кредитни продукти на Банката и советодавните услуги кои ги нудат на клиентите.

“Оваа програма е особено значајна бидејќи им овозможува на нашите клиентки пристап до кредити во износ до 300.000 евра за финансирање на основни средства, но и на средства за тековно работење, по многу поволни услови, со рок на отплата до пет години. Нуди нефинансиска поддршка, преку советодавни услуги за изработка на бизнис стратегија, маркетинг, сметководство и информатичка технологија“, вели Аргир.

НЛБ Банка АД Скопје пласира кредити од ЕБОР, кои им помагаат на локалните бизниси во подобрување на енергетската ефикасност и поттикнување на конкурентноста.

ЕБОР реализира проекти во Република Македонија од 1993 година, и до сега има инвестирано над 1,6 милијарда евра, во над 100 проекти во земјата.