Eco gentleman – прв и единствен сeрвис за мобилно и суво одржување на хигиена на автомобили

320
pavle
Павле Зимбаков, сопственик на Eco gentleman

Eco gentleman е првиот и единствен ексклузивен сервис за мобилно и суво одржување на хигиена на автомобили во Македонија. Можеби во иднина сите овој модел ќе го нарекуваат суво перење на автомобили, но сепак корисно е да се знае дека Eco Gentleman е сервис за одржување на хигиена на автомобили. Тоа е така од две причини: квалитетот што го нуди Eco Gentleman е на многу повисоко ниво од она што се нуди во традиционалните перални и второ, Eco Gentleman навистина нуди хигиена на автомобилите на нивните клиенти преку договорена динамика за редовност.

Целиот концепт е пренесен од САД, како услуга што се нуди само за престижните компании, како што се Google, Tesla Motors и други компании од тој калибар и секако за приватни корисници кои имаат чувство за посебност и кои сакаат нивниот автомобил да биде постојано чист и светнат. Овој концепт носи низа предности, меѓу кои се заштеда на време, вода, заштита на животната средина, но најважно е што се добива квалитетна и комплетна нега на автомобилот.

БИ: Што претставува концептот на суво и мобилно одржување на хигиена  на автомобили Eco gentleman?

Светските трендови налагаат голем број од услугите што ги користиме да ни бидат достапни дома. Кај нас во Македонија досега било достапно да можете да си купите било каков производ кој ќе ви биде доставен до дома, но со услугите кои се нудат на пазарот случајот воопшто не е таков. За одржување на хигиена на автомобили, мора да се отиде во перална и да се потроши минимум еден час непродуктивно време. Одењето до перална, чекањето да го исперат автомобилот и да се вратите назад трае околу еден час. Колку време троши еден сопственик на компанија кој има 20 службени автомобили и истите треба постојано да бидат чисти т.е. треба еднаш неделно да се исчистат? Дваесет автомобили се 20 часа неделно или 80 часа месечно само за перење коли. А 80 часа месечно се точно две работни недели (половина месец) работно време на еден вработен. Водејќи се по ова, дојдовме до идеја луѓето да не го трошат така времето, туку ние да дојдеме во нивната фирма на паркинг, гаража или на било кое друго место и да им ги средиме автомобилите додека тие се оперативно продуктивни на нивните работни места или се присутни на редовниот неделен состанок.

e1

БИ: Од каде идејата за ваква услуга во Македонија? Дали во земјава и во регионот има нешто слично на Eco gentleman?

Ова е прва ваква услуга во Македонија. Целата приказна ја носиме од Америка, каде што ова функционира веќе шест до седум години и функционира одлично, бидејќи ја сфатиле важноста на нетрошење на време и за службени и за приватни автомобили.

Јас целата приказна ја дознав од пријател што работи во Google во Сан Франциско. Во една прилика додека пиевме кафе овде во Скопје, разговаравме за придобивките кои вработените во Google ги имаат и меѓу многуте беше и оваа како една од највпечатливите, вели, секоја среда од 8 до 11 часот доаѓа сервис кај нас во гаража и ни ги средуваат автомобилите.

Можам да се пофалам дека сме една од ретките држави во Европа кои имаат ваков сервис, за што сум посебно горд. Во процесот на истражување и преговарање единствено добив информација дека сервиси за суво одржување на хигиена на автомобили има само во Амстердам и во Прага.

И морам да споменам дека со ваквиот модел на одржување на хигиена на автомобили од самиот почеток на нашето работење ние сме општествено одговорна компанија. Користиме 100% еколошки средства и со средувањето на секој еден автомобилот заштедуваме околу 200 литри вода. Во периодот од 1-ви септември кога и почнавме, до 1 октомври имаме заштедено 54 тони вода за пиење за отприлика 270 автомобили.

Македонија нема индустриска вода за таква намена и за перење автомобили во традиционалните перални се користи вода за пиење.

e2

БИ: Како се одвива процесот на суво перење на автомобилите, што опфаќа и што се е потребно да се добие финалниот изглед на автомобилот?

Принципот на средување на едно возило (автомобил, џип, пик – ап или комбе) е многу едноставен. Имаме шест различни средства наменети за фино третирање на различни делови од возилото. Веќе споменав дека средствата се комплетно т.е. 100% еколошки, а во препораките за користење на истите се наведува дека нема потреба да се користат заштитни реквизити при нивно користење, нема потреба да се носат ракавици, маски или очила.

Средството што се користи за чистење на каросеријата е дополнително био-разградливо. Функцијата на биоразградливоста е да ја одвои нечистотијата од каросеријата на автомобилот, да ја разгради и потоа се пребришува со микрофибер крпа. Принципот на чистење почнува со напрскување на средство, потоа нечистотијата се пребришува од автомобилот и со друга сува и чиста крпа се гланца возилото за да не останат траги од средството. Покрај тоа, во средството што е за каросерија има дополнителна заштита, односно восок што дава дополнителен сјај, ја штити каросеријата и бојата од надворешни влијанија, го продолжува векот на лакот и бојата на автомобилите. Имаме посебни средства за стакло и за гуми, а што се однесува за внатрешноста имаме средство за контролна табла и за освежување на целокупниот ентериер во автомобилот. За нашите повнимателни клиенти, за оние кои навистина се грижат за своите скапи автомобили, имаме дополнително восок со кој се премачкува за уште подобар сјај и средство за грижа на кожа коешто ја омекнува кожата, ја одржува еластичноста и бојата на кожата и секако, го продолжува векот на издржливост.

e3

БИ: Дали има интерес за вакво нешто кај нас и кои се вашите таргет клиенти?

Луѓето се воодушевуваат и се задоволни од она што ќе добијат. Резултатот е навистина извонреден. Интересот за нашата услуга секојдневно расте и она што е интересно се повеќе и повеќе не контактираат сопственици на скапи автомобили. Некако интересот за Eco Gentleman се зголемува прилично бргу ако се земе во предвид дека досега не сме имале никаква ТВ, радио или реклама во некој печатен медиум. Се што имаме се социјалните мрежи и добриот збор на оние кои веќе ја увиделе разликата помеѓу нас и сите останати.

Во однос на клиентите иако сме на почеток ги опфаќаме и компаниите и приватните корисници. Во различни компании сме секојдневно каде што правиме бесплатна презентација, бидејќи моделот е нов и непознат за 99% од луѓето, а за приватни корисници правиме повремени акции на различни локации т.е. во различни населби.

Имаме промотивна цена која ќе биде се до 28 февруари 2015 година. Промотивната цена и за компаниите и за приватните корисници е дури и повеќе од прифатлива, а целта на промоциите е да ја пробиеме идејата и да ги покажеме придобивките.

Сега за сега присутни сме само во Скопје, но искрено се надевам дека веќе наредната есен ќе почнеме да покриваме и други градови.

 

БИ: Кои се плановите на Eco gentleman, во која насока ќе се движите во иднина?

LOGOOO so crn sesir i crvena trakaПланови за понатаму секако дека има. Планираме да се прошириме во сите поголеми градови во земјава, преку отворање на наши работни единици низ градовите или да го понудиме концептот на поединци кои сакаат да создадат свој бизнис.

И во едниот и во другиот случај ќе одиме на тоа да се усовршиме, ќе направиме и тренинг програма за идните вработени за да истите бидат обучени веднаш штом ќе почнат да работат со што ќе им понудиме комплетна и квалитетна услуга на нашите клиенти.