Единствен во Европа, иноватор од Чачак ќе прави еко плочки од стакло

77

По завршувањето на студиите во Кина, Павле Милошевиќ се вратил во родниот Чачак и решил да започне сопствен бизнис со сопругата Марија.

Двајцата млади иноватори се одлучиле за уникатен еколошки проект, производство на стаклени плочи што се користат во градежната индустрија и можат да ги заменат вообичаените материјали како мермер, дрво или гранит.

“Еко-плочите ќе бидат првиот ваков производ направен во Србија, но и во Европа. Слично производство има само во една друга американска компанија. Овој производ е направен од стакло и цемент и е целосно еколошки“, вели Павле. Идејата потекнува од неговата сопруга која се занимавала со производство на садови за цвеќиња.

“Во моментов сме во фаза на тестирање на примероците, затоа што е многу важно како ќе реагираат двете компоненти едни со други. Ако тоа оди добро, би можеле да започнеме со производство следната година”, изјави Павле за RINA.

Еко-плочите, со специфичен дизајн, до 70% се изработени од отпадно стакло, кое се меле и меша со цемент, а потоа се суши, пече и полира. Овој процес ќе има повеќекратно значење за локалната заедница, бидејќи големи количини стакло завршуваат закопани во санитарни депонии, а многу мал процент се рециклира.

“Ние сме вклучени во процесот на циркуларна економија, со враќање на стаклото што завршува во отпад во процесот на производство. На тој начин, количината на отпад е намалена. Ние веќе направивме договор со јавно комунално претпријатие од Чачак, од кое земаме отпад “, рече Павле.

Фото: Pixabay