Единствената земја што го елиминира коронавирусот излезе од рецесија

18

Нов Зеланд и официјално излезе од рецесијата поврзана со пандемијата на коронавирусот откако забележа рекорден раст од дури 14% во третиот квартал, покажуваат официјалните податоци објавени денеска.

Нов Зеланд забележа пад на бруто домашниот производ (БДП) за 11% во вториот квартал, кога земјата беше во карантин.

Министерот за финансии, Грант Робертсон рече дека драматичниот пресврт се должи на успехот на Нов Зеланд во борбата против коронавирусот, кој бележи само 25 смртни случаи во земја со пет милиони жители.

“Економското закрепнување е резултат на нашата одлука да дејствуваме силно и брзо за време на пандемијата на Ковид-19. Планот за субвенционирање на платите поддржа над 1,8 милиони работници. Инвестиравме милијарди долари во инфраструктура, обука и создавање работни места“, рече министерот Робертсон.

Според Институтот за статистика на Нов Зеланд, услужните дејности се движечката сила на овој силен раст, со 42,8% зголемување на услугите за малопродажба, сместување и храна, бидејќи жителите на Нов Зеланд се вратија во речиси нормален живот.

Фото: Pixabay