Едукативна патека за деца во Маврово

114

DSC_0833

Детска игра, џагор и многу насмевки го разубавија националниот парк Маврово каде денеска во познатиот локалитет Бунец беше отворена едукативната патека за деца која е наменета за возраст од 6 до 12 години.

Со ова туристичкиот центар Маврово добива уште една нова интересна содржина за семејствата, патека со должина од еден километар, која ќе овозможи најмалите посетители да се запознаат со биодиверзитетот во тој регион под надзор на водичи специјално обучени за работа со деца. Родителите од денеска можат да дојдат во овој прекрасен дел од западна Македонија и заедно со своите деца да уживаат во сите убавини кои ги нуди Маврово, од спортување и рекреација, одмор, уживање и учење и запознавање на природата од мали нозе.

Дека патеката е вистинско изненадувања и полн погодок се доказ многуте насмеани детски лица кои денеска се радуваа на секој поминат момент на патеката заедно со водичите кои за прв пат промотивно прошетаа повеќе од 50-тина деца.

DSC_0822

“Детската патека е иницијатива на Националниот Парк Маврово за збогатување на туристичката понуда со едукативни содржини. Со ова сакаме да им овозможиме на родителите додека се опуштаат, скијаат, возат велосипед или пак уживаат на падините на оваа прекрасна планина, да им овозможат на своите деца едукација и забава. Патеката е опремена со информативни и едукативни табли со информации за растителниот и животинскиот свет во Маврово. Децата ќе имаат можност да решаваат загатки и да научат нешто повеќе низ посебно конципирани игри. Покрај едукативните табли во три големини, патеката ќе биде збогатена и со дополнителни елементи како хотел за инсекти, ксилофон и дел за набљудување на орли“, изјави директорот на Националниот Парк Маврово, Онер Јакуповски, кој заедно со претставници од Швајцарската Амбасада како и водичите од здружението одговорно за турите на патеката – UpLand Adventure денеска ја отворија патеката.

Осмислувањето на детската содржина на патеката како и обуката на водичите е потпомогната од страна на Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME), програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) имплементирана од Swisscontact.

Сега сите заинтересирани можат да ги донесат своите деца во Маврово и преку игра и забава да научат повеќе за растителниот и животинскиот свет во овој Национален парк.