Електронски ќе се запишуваат децата во градинка и училиште

72

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски најави продолжување на масовната дигитализација на услугите и во повеќе сфери: електронско запишување на деца во градинка, електронско запишување во училиште, автоматско префрлање на финансиска помош за новороденче, без да има потреба родителите било што да направат, потврда за платени даноци, како и стотици други услуги кои граѓаните често ги користат.

“Можностите што ги нуди дигитализацијата го олеснуваат секојдневниот живот на граѓаните. Особено сега, кога сме соочени со пандемијата предизвикана од КОВИД-19, Владата има обврска да им помогне на граѓаните да се прилагодат. Затоа го реализиравме проектот за е-рецепти. Во нашата држава веќе два месеца препишувањето рецепти и издавањето на лекови се одвива дигитално, без користење на хартија, и најважно, без физичка посета на матичниот лекар“, истакна министерот Дамјан Манчевски.

Според министерот Манчевски, станува збор за систем којшто е комплексен во позадина, но за нашите граѓани е многу едноставен и лесен за користење.

“Оваа нова услуга го автоматизира и значително го поедноставува издавањето на рецепти за лекови. Со овој систем се исфрлаат од употреба хартиените рецепти, граѓаните добиваат побрза и поефикасна услуга, а матичните лекари се растеретуваат од гужви и им се автоматизира работењето. Од направената анализа може да се види дека за само два месеца, 95% од вкупно издадените рецепти се издадени електронски.  Исто така, 95% од издадените лекови во аптека се издадени без хартиен рецепт, односно само со документ за лична идентификација“, рече министерот Дамјан Манчевски.

Тој рече дека е-рецептот е трајна придобивка, така што и откако ќе помине кризата со Ковид-19 чекањето на ред кај лекарот или во аптека останува во минатото.

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, истакна дека проектот за електронско издавање рецепти се покажа дека е еден одличен модел и проект.

“Корона кризата го докажа тоа, заради тоа што тие категории граѓани и пациенти коишто најмногу сакаме да ги заштитиме во оваа ситуација, пациентите со хронични болести, сега го избегнуваат непотребното одење во лекарските амбуланти.
Системот досега се покажа како успешен, од први мај досега преку овој систем се креирани над три милиони рецепти за хронична, акутна терапија. Воведувањето на електронскиот начин на издавање рецепти е практично надополнување на активностите за целосна достапност до терапиите и лековите за пациентите и граѓаните, која почна минатата година во октомври кога целосно ги укинавме квотите за лекови на рецепт во аптеките ширум државата. Со тоа обезбедивме лекови за сите пациенти, за сите наши граѓани кои имаат потреба од тоа да имаат лек во кој било ден од месецот, се избегнаа гужвите, редиците, се избегна паниката. Таа веќе не постои кај граѓаните и со тоа постигнавме една од нашите цели, преку вистински здравствени политики да го зајакнеме овој сегмент од јавно здравствениот систем“, рече министерот Филипче.

Фото: Freepik