ЕЛЕМ се стекна со сертификат ISO 14001:2004

32

АД Електрани на Македонија се стекна со сертификат ISO 14001:2004 откако во своето работење целосно го имплементира системот за заштита на животната средина. По извршената стручна проверка  на процесот, меѓународната акредитирана сертификациска куќа  СГС Београд даде препорака за издавање на сертификатот, а нејзиниот директор г. Маринко Укропина, денеска ова признание му го врачи на д-р Влатко Чингоски, генерален директор на АД ЕЛЕМ.

-Сертификатот има огромна важност, не само за нашата компанија, туку и за Република Македонија.  Воведувањето на меѓународниот стандард за заштита на животната средина и управување со отпад е само уште една потврда дека компанијата работи според најновите корпоративни светски стандарди и во своето секојдневно функционирање посветува огромно внимание на заштитата на животната средина. Имплементацијата на овој систем е чекор напред во развојот на нашата компанија, за нејзините вработени, односно за сите кои во изминатиот период посветено работеа на проектот. Воведените новини во работењето ќе значат заштеда на суровини, зголемена енергетска ефикасност, подобро и полесно управување со трошоците. Меѓу придобивките е и целосната реорганизација и третманот на ресурсите и отпадот кои имаат директно влијание врз животната средина – нагласи д-р Чингоски.

Постапката за воведување на системот за управување со животна средина во АД Електрани на Македонија започна во 2011 година, во координација со консултантската куќа МАККОНТРОЛ.  Во текот на изминатата година реализирани се  многубројни активности, а согласно стандардите, Управниот одбор на АД ЕЛЕМ донесе Политика за заштита на животната средина, со начела според кои се водат сите вработени во компанијата.

-Доделувањето на Сертификатот е потврда за одлучноста на менаџерскиот тим на АД ЕЛЕМ, но и на сите вработени целосно да ја модернизираат компанијата и да ја прилагодат нејзината работа во согласност со строгите меѓународни стандарди. АД ЕЛЕМ покажа решителност и подготвеност целосно да се прилагоди на новините во работењето во нивната мисија да станат модерна компанија која доследно ги следи и применува строгите критетиуми и правила во своето секојдневно функционирање – потенцираше директорот на Меѓународната акредитирана сертификациска куќа СГС Београд, г. Маринко Укропина.

АД ЕЛЕМ е компанија од стратешко значење за Република Македонија и затоа целосно ја спроведува политиката за животна средина, како дел од определбата за успешно работење. Оттука, произлегуваат обврските на компанијата да се профилира себе си како општествено одговорно претпријатие со висока заложба за имплементирање на ISO стандардите во работењето. Компанијата пред две години го имплементирше и стандардот за квалитет 9001:2008,  кој и денеска успешно го применува во своето работење.