ЕУ го одобри проектот за последната делница на пругата кон Бугарија

25

Делегацијата на Европската унија вчера го одобри проектот за изработка на основен проект за делницата од железничкиот Коридор 8 од Крива Паланка до границата со Бугарија, соопштуваат од Министерството за транспорт и врски.

„Од страна на Европската унија се алоцирани 3,5 милиони евра, средства кои претставуваат грант од ИПА компонентата за регионален развој во рамките на Оперативната програма за регионален развој. Во следниот период е предвидено да биде распишан јавен повик и се планира во првата половина од 2015 година да заврши постапката за избор на консултант кој ќе треба да го изработи основниот проект за рок од 20 месеци“, стои во соопштението на Министерството за транспорт и врски.

Со изработката на основен проект за оваа делница, ќе се заокружи целиот проект за железничкиот Коридор 8, односно железничката пруга кон Бугарија со комплетна проектна документација.

Во овој момент се работи на изготвување на основен проект за втората делница од оваа пруга, односно делницата од Бељаковце до Крива Паланка, а во март оваа година започнаа градежните работи на првата делница од Куманово до Бељаковце.