ЕУ објави итни мерки доколку не постигне договор со Велика Британија по Брегзит

81

Европската унија денеска објави итни мерки за риболов, безбедност на воздухопловство, како и за патен и воздушен транспорт, доколку не успее да постигне трговски договор со Велика Британија по Брегзит.

“Нема гаранција дека ќе се постигне договор, тој мора да стапи во сила на време. Ние сме одговорни за подготовкa за сите можни случаи, вклучително и можноста да немаме договор со Велика Британија од 1 јануари 2021 година“, рече претседателката на Европската Kомисијата Урсула фон дер Лајен.
Според Комисијата, целта на овие итни мерки, кои се однесуваат само на одредени сектори, е “да го опфатат периодот во кој нема договор”. Ако ниту еден договор не стапи во сила, тие ќе престанат да важат по одреден период, додаде Комисијата.

Брисел најпрво предлага за време на шест месеци да се гарантира воздухопловна поврзаност помеѓу Велика Британија и ЕУ “под услов и Обединетото Кралство истото да го обезбеди”. Претставен е и план на прописи со цел да се избегнат нарушувања во воздухопловната безбедност.

За патниот сообраќај, ЕК предлага текст со кој се гарантира основно поврзување во товарниот и патничкиот превоз за шест месеци, исто така, под услов Британија да го гарантира истото.

Конечно, предлогот за риболов има за цел „да создаде соодветна правна рамка до 31 декември 2021 година или да склучи договор за риболов со Велика Британија за одржување на реципрочен пристап на бродовите на ЕУ и Велика Британија до водите на други земји.

“Со оглед на важноста на риболовот за економијата на многу заедници, неопходно е да се олеснат постапките за добивање лиценци за рибарски бродови”, посочува Комисијата.

Велика Британија, која официјално ја напушти ЕУ на 31 јануари 2020 година, дефинитивно ќе го напушти единствениот пазар и царинската унија на 31 декември.

Фото: Pixabay