ЕУ сака во банкарската унија да ги вклучи и земјите кои се надвор од еврозоната

27

Земјите на Европската Унија размислуваат во рамките на Европската централна банка ( ЕЦБ ), да формираат посебно тело кое би ги отстранило постојните правните препреки, со тоа што би се овозможило во банкарската унија да се вклучат и земјите кои се наоѓаат надвор од еврозоната.

Претставници од 27те земји членки веќе ја истражувале можноста и на земјите кои се наоѓаат надвор од еврозоната да им овозможат вклучување во банкарската унија, а со тоа да се ослободат од стравот од нивна маргинализација и подредена положба во новата структура.

Нивната потрага наидува на бројни правни препреки, бидејќи ЕЦБ мора да ги донесе сите конечни одлуки и како централна банка и како главна надзорна инстанца за банките во склоп на новата предложена рамка.

Лондонскиот деловен дневник The Financial Times, во средата извести дека во правното мислење подготвено за состанок на Министрите за финансии, стои дека планот за воспоставување на единствен банкарски регулатор за еврозоната е незаконски, бидејќи законите на ЕУ не дозволуваат такви промени во начинот на работењето на ЕЦБ. Претставниците го оспорија таквото толкување.

„Секако дека не може да се каже дека е незаконито, тоа не е точно“, изјави еден од претставниците.

Можно решение за овој проблем би било поставувањето на ново тело во внатрешноста на ЕЦБ, во склоп на кое во одлучувањето би учествувале и регулатори од земјите надвор од еврозоната.

Освен што ќе ги постави темелите за подобрена контрола на банките, новата надзорна архитектура ќе овозможи и нов книжен фонд во еврозоната.