ЕВН Македонија и Универзитетот Климент Охридски од Битола потпишаа меморандум за соработка

21

ЕВН Македонија и Универзитетот Климент Охридски од Битола потпишаа меморандум за научна, техничка и апликативна соработка. Ќе се реализираат заеднички научно – стручни истражувања, размена на знаења, искуства и вештини преку одржување на континуирани средби, работилници, семинари, како и заеднички проекти за промоција на сите активности.

ЕВН Македонија ќе продолжи да ги поддржува студентите кои се запишани на смерот за електро-енегетски системи на Битолскиот универзитет. Покрај можноста да посетуваат практична работа и да следат предавања на стручни лица од компанијата, студентите кои имаат висок просек и ги минале процесите на селекција може да станат и стипендисти на ЕВН Македонија.

Меморандумот за соработка го потпишаа Игор Гиевски, член на Управниот одбор на ЕВН Македонија и проректорот на Универзитетот Климент Охридски, проф. д-р Сашо Атанасовски.

Александар Кочалевски, студент во прва година, е третиот стипендист кој покрај паричните средства, ќе посетува практикантска работа следена од ментори и ќе добие поддршка од ЕВН во својот професионален развој. Тој вели дека се одлучил за ЕВН бидејќи најголемата корист не се само средствата, туку и професионалноста која се учи во дистрибутивната компанија и практичниот дел од образованието кој ќе му овозможи вистински напредок во градењето на својата кариера.