Европа ќе пропадне ако продолжи да ја имитира Америка

27

Стиглиц предупредува на проблемот на социјална нееднаквост во Европа и САД. Тој истакнува дека мерките за штедење само ја продлабочуваат нееднаквоста. Социјалната нееднаквост е најголем проблем на западната цивилизација. За овој проблем во својата најнова книга опширно пишува добитникот на Нобеловата награда за економија Џозеф Стиглиц. Ставовите што тој ги застапува, а кои се општо прифатени меѓу водечките светските економисти, Стиглиц дополнително ги образложи во интервју за Еуроњуз, во кое им дава и неколку многу конкретни совети на европските лидери.

Загрижувачки е што Европа ја имитира Америка.

Стиглиц смета дека постои пат за излез од кризата, но дека таа цел нема да може да се оствари со методите што сега ги заговараат водечките политичари во Европската унија и САД. Спорд Стиглиц Европа во моментов е во многу подобра позиција од Америка, но нејзините лидери со мерките што ги преземаат ја туркаат уште подлабоко во амбис. Ме загрижува тоа што се повеќе земји од Европа ја имитираат Америка. Тоа веќе се случи во Велика Британија, која според степенот на социјална нееднаквост, денеска е втора во светот веднаш по САД, вели Стиглиц.

Штедењето ја зголемува нееднаквоста.

Општество кое е поделено на 1% најбогати и 99% чија егзистенција е загрозена на ваков или онаков начин, не може да има продуктивна економија. Тоа најмногу влијае на младите генерации, чии припадници, доколку не се родени во богати семејства, практично немаат никакви шанси за успех. Мерките на штедење што ги заговараат европските земји само го продлабочуваат јазот на социјална нееднаквост. Сега речиси и да нема никаква побарувачка, а кога државата штеди, побарувачката дополнително опаѓа. Кога побарувачката опаѓа, економијата неможе да расте, невработеноста е се поголема, се намалуваат платите и се кастри на социјалата, објаснува Стиглиц. Според Стиглиц, европските земји мора да го имаат предвид фактот кој очигледно го заборавиле: дефицитот не предизвика слабеење на економијата, туку слабата економија го предизвика дефицитот. Приоритет мора да биде поттикнувањето на економскиот раст. Тоа може да се постигне на бројни начини, како што е инвестирањето на државата во инфраструктурата, технологијата, образованието…, вели Стиглиц.

Европската централна банка може да ја спаси ситуацијата, но дали сака?

Стиглиц, исто така, предлага спојување на долгот што би ги намалило каматите и би ослободило пари за продуктивни вложувања. Европската центарлна банка (ЕЦБ) е единствената институција која дословно преку ноќ може да преземе корисни и значајни мерки, вели Стиглиц.

Според Стиглиц, ЕЦБ би требала по поволни услови да ги откупи обврзниците на загрозените земји и така да им обезбеди средства за инвестиции што би го поттикнале економскиот раст. Но, таа мерка не треба да се условува со нови мерки на штедење, како што Европската унија и ММФ сега прават во случајот со Грција. Неодамна Европската централна банка најави дека е подготвена да откупува обврзници, но не кажа под кои услови би го направила тоа. Ако услов за тоа биде штедењето, тоа значи дека задолжените земји всушност се тераат да западнат во депресија. Тоа значи дека за да Ве спасиме, мораме прво да Ве убиеме. Тоа баш и нема смисол, зарем не?, заклучува Стиглиц.

Index.hr