Европски авио гигант на колена, бележи загуба од две милијарди евра

105

Lufthansa објави загуба од скоро две милијарди евра за третиот квартал на оваа година, бидејќи германскиот гигант се бори со пад на побарувачката во услови на пандемија на коронавирус. Една од најголемите авиокомпании во Европа, којашто забележа загуба од 1,4 милијарди евра во вториот квартал, ќе лета со само 25% од капацитетот до крајот на 2020 година.

Бројот на патници во авионите се намали од почетокот на годинава, бидејќи пандемијата приземји летови низ целиот свет. 

“Сега сме на почетокот на зимата што ќе биде тешка и предизвикувачка за нашата индустрија“, рече извршниот директор Карстен Спохр, предупредувајќи на уште едно “неизбежно преструктуирање“ со цел компанијата да си го врати “финансиското здравје“.

Враќањето на ограничувањата во Германија, со уште построго заклучување во земји како Франција и Велика Британија, значително ги влоши изгледите за патувања, се вели во соопштението на Lufthansa.

Компанијата претходно најави планови за намалување на 22.000 работни места со полно работно време.

Фото: Freepik