Европските берзи „зацрвенеа“ по силниот вчерашен скок

Цените на акциите паднаа на европските берзи во четврток наутро, како и на азиските пазари, бидејќи еуфоријата предизвикана од договорот за прекин на огнот меѓу САД и Иран стивна.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции падна за 0,4 проценти во 9:30 часот наутро, по вчерашниот скок од околу 4 проценти.

Во исто време, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,11 проценти, на 10.596 поени, додека франкфуртскиот DAX се лизна за 0,87 проценти, на 23.870 поени, а парискиот CAC за 0,51 процент, на 8.218 поени.

Цените на акциите паднаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на акциите од Азиско-пацифичкиот регион беше во пад од 0,7 проценти во 9:30 часот наутро.

Во исто време, цените на акциите во Хонг Конг, Индија, Шангај, Јапонија и Јужна Кореја паднаа помеѓу 0,1 и 1,7 проценти. Сепак, во Австралија тие малку се зголемија.

По вчерашниот силен скок, утрово индексите изгубија дел од добивките бидејќи еуфоријата предизвикана од договорот за примирје меѓу САД и Иран стивна.

Тоа примирје е кревко бидејќи во среда Израел го изврши досега најсилниот напад врз Либан, во кој загинаа повеќе од 250 луѓе.

Американскиот претседател Доналд Трамп објави на социјалните мрежи дека американските воени сили ќе останат во Заливот додека не се постигне конечен мировен договор. А доколку нема договор, можни се нови напади врз Иран.