ФЕИТ ги отвора вратите за идните студенти

19

ФЕИТ денеска, со почеток во 10 часот, ќе одржи отворен ден. Целта на настанот е матурантите и сите заинтересирани да се информираат за уписите, студиските програми и начинот на студирање на ФЕИТ, како и за можностите кои се отвораат пред овие академски граѓани по завршување на студиите на факултетот.

На отворениот ден на ФЕИТ посетителите ќе се запознаат со наставниот кадар, како и со студентите кои студираат на факултетот. Тие ќе имаат можност да ги разгледаат просториите на ФЕИТ и лабораториите во кои се изведува практичната настава.

Отворениот ден има за цел да ги обелодени и разоткрие сите „митови и мистерии“, да даде одговор на сите прашања, нејаснотии и заблуди во врска со предметите, професорите, наставата, самиот факултет и сè останато.

Отворениот ден на ФЕИТ е во организација на Деканатот на факултетот и Центарот за нови студенти, тело кое е основано за да се овозможи полесен и поедноставен начин за информирање на матурантите во врска со студиите на ФЕИТ.

Деканот на ФЕИТ, проф. д-р Миле Станковски вели дека студирањето на ФЕИТ е предизвик, но и можност за креативно изразување за сите млади кои се заинтересирани за техниката, бидејќи ФЕИТ е единствениот факултет во земјата кој ги покрива сите области од електротехниката и информациските технологии. Современиот начин на студирање и големиот избор на предмети од различните студиски програми на ФЕИТ им дава можност на идните инженери да го оформуваат своето знаење според сопствените афинитети.