Фершпед, од јануари до декември лани, прикажа вкупна сеопфатна добивка од 31.005.000 денари, покажува неревидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.
Една година претходно, компанијата евидентираше загуба од 111.392.000 денари.
“Остварените вкупни приходи во периодот јануари – декември 2016 година изнесуваат 3.046.920.000 денари и во споредба со остварените вкупни приходи во 2015 година бележат раст од 2,5%. Оперативните приходи во износ 3.021.721.000 денари учествуваат со 99,2 % во вкупните приходи и истите бележат раст од 2 % во споредба со оперативните приходи во 2015 година. Финансиските приходи учествуваат со 0,8 % во вкупните приходи и истите бележат зголемување од 17%“, стои во Образложението за остварените резултати.
Вкупните приходи од продажба во текот на 2016 година изнесуваа 2.938.263.000 денари. Од нив на домашен пазар се остварени 2.815.849.000 денари, додека на пазари во странство реализацијата е 122.414.000 денари.
Фершпед е компанија за меѓународна и внатрешна шпедиција и царински складишта. Исто така, компанијата се занимава и со меѓународна трговија, брокерство, банкарство, хотелиерство, винарство и игри на среќа преку купување акции во тие дејности.