Фестивал на органска храна во Скопје

25

Широка палета производи од органско производство, овчо сирење, месо, компири, маслинки, ореви, бадеми, мед,… ќе понуди традиционалниот седми Фестивал на органска храна што ќе се одржи денеска во трговскиот центар Капитол во општина Аеродром.

Фестивалот го организира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), а се совпаѓа со одбележувањето на Зелената недела во светски рамки. Дел од манифестацијата првпат се Организацијата на потрошувачите на Македонија и децата од градинката Срничка.

“Целта е да ја промовираме органската храна како најприродна и најздрава, произведена според сите светски стандарди. Новина годинава е тоа што на манифестацијата ја вклучуваме најмладата популација – дечињата од градинките кои се во првата фаза од социјализацијата. Идејата е органската храна да се воведе во овие установи, да се наметне од најмали нозе“, рече Моме Младеновски од МЗШВ.

Државата која повеќе години финансиски го поддржува органското производство, за негова поголема афирмација најавува интензивна кампања, отворање специјализирани продавници за органска храна низ цела Македонија, како и воведување органски производи на менијата во градинките.