Финансиска едукација за граѓаните

19

Граѓаните ќе се едуцираат за финансиските услуги и ризиците кои произлегуваат од нив, најавија денеска Народната банка на Република Македонија (НБРМ) и Министерството за финансии заедно со сите институции кои имаат надлежност во регулирањето на финансиките услуги.
Гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, на денешното потпишување на Меморандумот за соработка меѓу НБРМ, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Комисијата за хартии од вредност на РМ, истакна дека проект за едукација на населението, НБРМ спроведува веќе една година.
“Проектот за финансиска едукација на населението го започневме пред една година. Досега беше опфатена само најмладата популација. Сега ќе бидат опфатени повозрасните, а потоа и возрасните граѓани. Целта на потпишувањето на овој меморандум е полесно да се остварат заедничките цели бидејќи од наш интерес е да имаме население кое ги разбира финансиските услуги кои ги користи и нема непотребно да влегуваат во ризици. На тој начин придонесуваме за избегнување и минимализирање на ризиците во финсансискиот сектор со што придонесуваме за развивање на стабилен сектор”, рече гувернерот Богов.
Според вицепремерот и министер на финансии, Зоран Ставрески, со потпишувањето на овој меморандум се зголемува координирањето на регулаторните тела во насока на постабилен финансиски сектор и се запознава јавноста со можностите кои ги нуди овој сектор.
“Преку едноставни брошури и предавања ќе ги едуцираме средношколците, а брошури ќе бидат изработени и за останатите граѓани”, изјави Ставрески.
Потписниците на меморандумот се согласија да формираат Координативно тело на регулаторните институции за финансиска едукација. Неговата улога ќе биде да покренува иницијативи до надлежните институции за донесување на акти што ќе ја покренат идејата за финансиска едукација на населението, да дефинира и предлага заеднички проекти, да изработува стратегиски документи и друго.