Фискално одржлив и таргетиран – деветти пакет антикризни мерки за поддршка на најранливите и стопанството

105

– “Економијата не е егзактна наука, таа е комбинација на научни елементи и уметност”, рекол таткото на модерната економија, американскиот нобеловец, Пол Семјуелсон, потенцирајќи дека „првата и последната лекција која треба да ја научиме за економијата е дека нејзината цел не е да се приближиме кон егзактноста, туку кон подобрувањето на базите на податоци и начинот на расудување согласно нив“. Јас ќе додадам дека крајната цел на секоја економска политика, секогаш, треба да биде мотивирана од обезбедувањето подобри услови и просперитет за граѓаните. Макроекономистите се водат според логиката од најдобриот интерес за најголем број на луѓе, политики што го зголемуваат општото добро за сите, познат во економската теорија како „Парето оптимум“.

Минатата недела го објавивме новиот, деветти, владин пакет антикризни мерки. Граѓаните и фирмите ги очекуваа овие мерки. Мерките беа внимателно дизајнирани, согласно конкретните потреби на нашата економија и таргетирани кон оние категории на кои навистина им е потребна поддршка. Новиот пакет антикризни мерки е обемен, содржи 23 мерки во вкупна вредност од 662,4 милиони евра, од кои 123,7 милиони евра се со директни фискални импликации, додека останатите со индиректни, а распоредени се во две фискални години, внимавајќи на фискалната одржливост. Притоа, три претходно донесени системски мерки, или подобро кажано политики, во 2023 и 2024 година го чинат буџетот дополнителни 516,3 милиони евра.

Во услови на глобална неизвесност, затегнати финансиски услови и забавување на економскиот раст, фискалната политика, а воедно и овој пакет на антикризни мерки, го насочивме кон поддршка на економскиот развој и поддршка на ранливите категории на граѓани. Лично бев изненаден од некои изјави по објавата на пакетот, дека мотивот зад него е политички маркетинг, дека ќе се разгорела инфлацијата затоа што ќе се поддржат ранливите категории, односно студентите преку поддршка за јавен превоз, учениците од семејствата со ниски примања, поддршка на пензионерите со ниски пензии преку додаток, или компаниите, главно мали и средни компании, со ликвидносни инјекции. Треба да имаме предвид дека глобалната економска активност, сепак, забавува, вклучително и кај нашите најголеми трговски партнери, а тука се и очекувања за намалување на побарувачката. Во таа насока, во ова четиво, сакав да направам една куса анализа, со детален приказ на мерките, за да  добијат граѓаните целосна слика која е целта и придобивките од мерките од социјален и економски аспект. Во економијата, секогаш треба да ја гледаме целосната, односно големата слика, бидејќи многу лесно може да се манипулира со одделни податоци.

Доследност на политиките за фискална консолидација

Најпрво, би сакал да се осврнам на карактерот на фискалната политика. Препораките на меѓународните финансиски институции и експертите се дека додека инфлацијата е на високо ниво, треба да се внимава да нема експанзивна фискална политика. За воља на вистината, од пандемијата наваму, кај нас буџетскиот дефицит се стеснува континуирано, согласно проектирана патека на фискална консолидација, па дури и побргу (од 2020 година од околу 8%, дефицитот годинава е скоро преполовен на 4,6%, а веќе догодина се проектира на 3,4%, со очекувања за понатамошно намалување и на среден рок).

Второ, ММФ јасно упатува на тоа дека фискалните мерки треба да бидат таргетирани, односно насочени кон одредени категории, каде е потребно да се обезбеди социјална заштита, но и поддршка за економската активност. Мерките кои ги донесовме се јасно таргетирани – кон ранливите категории, за поддршка на фирмите (главно секторот на мали и средни претпријатија), како и системски мерки за справување со кризата. Најголем дел од мерките се со временски ограничен карактер, за да се осигура фискалната одржливост.

Антикризните мерки придонесоа за двојно подобар економски резултат во време на криза

Пред да навлезам во елаборирање на мерките од последниот пакет, би се навратил кон претходите пакети за да одговорам на многу важно прашање – „Дали досега владините мерки вродиле со резултати?“. Одговорот е „ДА“, а тоа ќе го поткрепам со податоци и аргументи.

Во таа насока ќе направам мала дигресија кон случувањата во изминатите неколку години. По забрзување на растот на економијата во 2019 година, следните четири години, како резултат на надворешни шокови, нашата економија се соочи со неколку последователни кризи. Во 2020 година, економијата беше силно погодена од пандемијата Ковид-19, на што Владата навремено реагираше со серија од шест пакети антикризни мерки во 2020 и 2021 година. Фокусот беше да се зачуваат работните места, ликвидноста на компаниите, социјалната сигурност, но и закрепнување на домашната економија и создавање основа за забрзан економски раст на подолг рок.

Под влијание на глобалната пандемија, економската активност се намали за 4,7% во 2020 година, но проценките на домашните институции, но и на меѓународните е дека доколку изостанеше брзиот и силен одговор на фискалната политика, падот на БДП во 2020 година би изнесувал над 8%.

По ублажување на ефектите од пандемијата, економијата забележа солидно закрепнување во 2021 година од 4,5% на годишна основа и покрај продолженото влијание на Ковид-19. На почетокот на 2021 година продолживме со носење нов пакет на мерки со кои се продолжи со поддршката од претходните пакети преку државна финансиска поддршка на плати за вработените во првиот квартал, бескаматни кредити за компаниите од погодените дејности, финансиска поддршка за радиодифузери, и ослободување од надоместокот за мултиплекс фреквенција, финансиска поддршка за граѓаните преку продолжување на мерката за одложување плаќање данок на личен доход,  финансиска поддршка за меѓународните транспортери, кредитна гарантна шема, поддршка за спортски клубови, укинување на царинските стапки за дел од суровините, поддршка на микро, мали и средни претпријатија, како и за приватните здравствени установи, бришење камати на граѓаните кон јавни институции и претпријатија итн.

Сепак, кон крајот на 2021, домашната економија беше погодена од нови глобални шокови со енергетската криза, која ескалираше на почетокот на 2022 година со ефектите од руско-украинскиот конфликт. Неповолните движења на пазарите на енергенси и руската инвазија врз Украина влијаеа на силен раст на глобалната инфлација, преку раст на цените на енергенсите и храната. Владата повторно реагираше брзо и навремено преку нови пакети антикризни мерки. Мерките на почеток беа насочени кон ублажување на ценовниот шок од растот на цените на енергенсите врз населението и компаниите, преку субвенционирање на цената на електричната енергија преку директна финансиска поддршка на ЕСМ, како и преку повластена стапка на ДДВ за електричната енергија, а подоцна и кон ублажување на последиците од високите цени на храната, мерки за замрзнување на цената, зголемување на минималната плата, пензиите, платите во јавниот сектор, како и еднократни финансиски додатоци/исплати кон најранливите категории на граѓани, односно примателите на социјална помош и пензионерите со ниски пензии. Целта беше да се задржи куповната моќ на населението и ликвидноста на компаниите, со постепено таргетирање кон најранливите категории граѓани и истовремена поддршка на инвестициите. Мерките овозможија да се забави преносниот ефект од увезената инфлација, да се обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија и да се спречат ценовните шокови. Благодарение на мерките насочени кон ограничување на порастот на цените, инфлацијата е во постојан пад 12 месеци по ред и достигна 3,1% во ноември 2023 година, откако во октомври 2022 година ги достигна највисоките 19,8%.

Во овој четиригодишен период со повеќе испреплетени кризи, со цел да одговориме на ефектите врз економијата и животниот стандард на граѓаните пристапивме кон дизајнирање на девет пакети антикризни мерки, покрај тековните прилагодувања со ad hoc мерки други политики и системски решенија. За време на пандемијата на КОВИД-19 се пристапи кон мерки за заштита на животот и здравјето на граѓаните, заштита на работните места, како и поддршка на ранливите категории на граѓани, но во исто време и силна финансиска поддршка за стопанството, кое хибернираше поради административните ограничувања, согласно здравствените препораки за заштита од пандемијата. Тоа го чинеше буџетот околу 1,2 милијарди евра.

Пред целосно да заврши пандемијата, заради прекинот на синџирите на производство, но и високата побарувачка, се креираше ценовен притисок. Потребите за интензивирање на економската активност во постпандемискиот период ја зголеми побарувачката за енергенси и на тој начин се предизвика зголемување на нивните цени, кои станаа дополнителен притисок за цените на инпутите во производството на храна, како и други производи. Во вакви околности на загреани цени на пазарите, особено во ЕУ, како наш најзначаен економски партнер, и во услови на фиксен девизен режим со еврото, ценовниот шок се пренесуваше целосно и во нашата економија. Состојбите станаа уште покомплицирани со воената агресија кон Украина, како најголем извозник на основни прехранбени производи. Но, исто така енергетската зависност на ЕУ од Русија, предизвика уште подлабока криза, која бараше коодиниран пристап во повеќе сфери: краткорчни мерки на страната на побарувачката, среднорочни мерки за намалување на енергетската зависност од Русија, и на долг рок мерки што ќе создадат услови за зелена транзиција и оддржлив развој. Исто така, монетарните власти пратија јасни пораки за борбата со инфлацијата, што на меѓународните финансиски пазари се рефлектираше со повисоки каматни стапки. Тоа влијаеше на забавување на економскиот раст во 2022 година и 2023 година во однос првичните проекции за раст. Антикризните пакети, како одговор на енергетската и ценовната криза, беа насочени кон заштита на најранливите категории на општеството, како и поддршка на стопанството со цел намалување на трошоците и обезбедување на потребната ликвидност. Фискалните импликации на овие пакети мерки за заштита од енергетската и ценовната криза изнесуваа 760 милиони евра.

Значи претходните осум пакети на антикризни мерки достигнаа ниво од околу 1,96 милијарди евра. Со тоа е намален економскиот пад во 2020 година, кој беше компензиран во растот во 2021 година, за потоа растот во 2022 година, 2023 година и проектираниот раст во 2024 година да бележи забрзана нагорна динамика.

Поддршка за 600.000 домаќинства и 70.000 фирми

Во насока на продолжување на таргетираната поддршка кон ранливите домаќинства и компаниите во 2023 година, новиот пакет мерки има за цел поддршка на млади лица (ученици и студенти) од ранливи категории на семејства, најранливи категории на  граѓани (пензионери со ниски пензии, лица и деца со посебни потреби, самохрани родители приматели на ГМП, итн.), земјоделците за стимулирање на производството на храна, како и поддршка на компаниите во процесот на зелена транзиција (земјаќи предвид дека климатките промени се еден од факторите кои можат да имаат ефект врз ценовните притисоци во иднина). Ако подетално анализираме, секоја од овие мерки има за цел обезбедување на социјална и економска одржливост

Со мерките од деветтиот пакет се опфаќаат 120.000 млади лица, околу 74.000 социјално ранливи категории на граѓани, околу 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, 540.000 корисници на апликацијата Мој ДДВ, 600.000 домаќинства, како и 70.000 компании. Ако се земат предвид и системските мерки, зборуваме за 338.000 пензионери и 106.000 вработени во јавниот сектор. Истовремено, преку прудентната политика ќе се зачува фискалниот простор и ќе се осигури одржувањето на макроекономската и фискална стабилност

Новиот пакет на мерки е поделен во следните категории: 1) Мерки за поддршка на граѓаните и домаќинствата (поддршка на учениците и студентите од семејствата со ниски примања, поддршка на ранливите категории граѓани, пензионери и домаќинствата со пониски примања, поддршка на земјоделците); 2) Мерки за поддршка на стопанството (поповолни кредити за ликвидност и инвестиции, субвенционирање на придонеси за повисоки плати); 3) Мерки за поддршка на jавниот сектор (општини и јавни претпријатија); и 4) Системски мерки кои придонесуваат за ублажување на ефектите од ценовната и енергетската криза.

Финансиска помош за учениците од семејства со ниски примања и студентите

Во деветтиот пакет мерки предвидовме средства за поддршка на ученици од основни и средни училишта, чии семејства имаат ниски примања (до две минимални плати, до 50.000 денари вкупни месечни приходи). Предвидено е да се исплати финансиска поддршка од 1.200 денари месечно, за период од 6 месеци, за 70.000 основци од вкупно 185.000 ученици во 1-9 одделение, кои ги исполнуваат овие услови. Бидејќи потребите на учениците во средно образование се поголеми, предвидовме финансиска поддршка од 1.800 денари месечно, за период од 6 месеци, за  35.000 ученици од средно училиште. Предвидена е и финансиска поддршка за студентите преку доделување ваучер за превоз, за 15000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање, во вредност од 600 денари до 1.200 денари за студент, во зависност од местото на живеење и студирање.

Сумарно, ќе се додели финансиска поддршка за вкупно 120000 корисници – млади лица, ученици од основно и средно образование, чии семејства имаат ниски примања, како и студенти од државните универзитети, во вкупна вредност од 16,4 милиони евра.

Поддршка на над 200000 лица од ранливите категории и пензионери со ниски пензии

Во услови на висока инфлација, препораките на меѓународните финансиски институции се преку фискалната политика да се заштитат ранливите категории граѓани, оттаму  предвидовме повеќе мерки во деветтиот пакет.

Предвидовме мерка за поддршка на граѓаните кои користат право на надоместок заради попреченост (10103 корисници), самохрани родители–приматели на гарантирана минимална помош (610 корисници), родители на деца со попреченост до 26 години, кои користат посебен додаток (6028 корисници), кои ќе добијат финансиски средства од 2.000 денари месечно, за период од 5 месеци, со цел надминување потешкотии во услови на зголемени трошоци на живот. Вкупните средства за оваа намена се проценети на  2,7 милиони евра.

Подготвивме мерка за поддршка на пензионерите кои имаат пониска пензија (до 19.000 денари) за надминување на потешкотиите во услови на продолжените ефекти од енергетската криза и стабилизирање на ценовната криза. Примателите на пензија до 14.000 денари ќе добијат финансиска поддршка од 3.000 денари месечно, за период од 5 месеци (околу 92200 приматели на пензија).  Пензионерите со пензија од 14.001 денари до 16.000 денари ќе добијат финансиска поддршка од 2.000 денари месечно, за период од 5 месеци (42253 приматели на пензија).  Оние чија пензија изнесува од 16.001 денари до 19.000 денари, ќе добијат финансиска поддршка од 1.500 денари месечно, за период од 5 месеци (52798 приматели на пензија). Вкупните фискални импликации за поддршката на оваа ранлива категорија од 187263 лица ќе изнесуваат 35,8 милиони евра.

Продолжува и мерката за директна финансиска поддршка за ранливи потрошувачи на електрична енергија, субвенции за електрична енергија за домаќинства со ниски приходи, како што се корисниците на ГМП и социјална пензија. Се продолжува и со мерката за поддршка на домаќинствата за поттикнување енергетска ефикасност и обновливи извори (за инсталација на фотонапонски панели, за инсталација на соларни ситеми и за инсталација на ПВЦ).

Со мерките, предвидовме и авансна исплата на субвенциите за растително производство – полјоделски, градинарски култури, лозови и овошни насади и сточарство (говеда, овци, кози). Финансиската поддршка што се реализира преку постојните програми на ИПАРД, е наменета за околу 40000 земјоделци.

Поддршка на конкурентноста на фирмите, зелената транзиција и женското претприемништво

Вториот сегмент од мерките од деветтиот пакет се однесуваат на поддршка на приватниот сектор, пред се кон поддршка на конкурентноста (претежно на секторот на мали и средни препријатија-МСП), зелената транзиција и поддршка на женското претприемништво. Вкупната поддршка е проценета на околу 492 милиони евра, кои главно се обезбедени преку поволни кредитни линии од меѓународни институции.

 

Една од мерките се однесува на зајакнување на кредитната линија за поддршка на МСП секторот за енергетска ефикасност и зелена транзиција, преку издавање зелена обврзница (во 2023 година Министерство за финансии ја издаде првата зелена обврзница во износ од 600 милиони денари). Со оваа мерка се овозможува кредитирање на малите и средни претпријатија со цел да се поттикнат да инвестираат во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија преку Фондот за енергетска ефикасност и комерцијалните банки под поволни услови.

Се планира проширување на опсегот на компании кои се корисници на гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање. Кредитно-гарантната шема е инструмент во рамки на Развојната банка, преку кој се издаваат гаранции како обезбедување на дел од залогот на кредити, одобрени од страна на комерцијалните банки и штедилниците, кои се даваат на компаниите кои имаат недостиг на залог за осигурување на заемот.

Уште една од мерките која ќе донесе значителна ликвидност кај фирмите е Седмата кредитна линија за зелена транзиција на ЕИБ, во вредност од 100 милиони евра, со која ќе се поддржат инвестициите на фирмите во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Новата кредитна линија од ЕИБ ќе се реализира преку комерцијалните банки, со поволни услови на кредитирање на компаниите за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, од кој еднакви делови од заемот ќе обезбедат комерцијалните банки и РБСМ. Кредитната линија ќе покрие 30% инвестиции во проекти со енергетска ефикасност и обновливи извори, 70% за други намени.

Обезбедена е кредитна линија со поволни кредити за фирмите во вредност од 50 милиони евра, преку Француската агенција за развој за поддршка на инвестиции, за поддршка на проекти со позитивен придонес врз животната средина и проекти за намалување на негативните ефекти од климатските промени и адаптација и поддршка на женското претприемништво и финансирање  процеси за дигитализацијата. Женското претпримеништво и зелените инвестиции ќе се поттикнат и преку кредитната линија од Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ) за финансирање микро, мали и средни претпријатија за создавање и зачувување на работни места во износ од 50 милиони евра. Преку Инструментот за зелено финансирање (во соработка со Европската банка за обнова и развој, Програмата за развој на Обединетите нации и комерцијалните банки) ќе се обезбеди пристап до т.н. „зелено финансирање“ за малите и средни претпријатија и поединци и домаќинства за инвестиции во обновливи извори на енергија и иновативни решенија за енергетска ефикасност во износ од 40 милиони евра.

Важна мерка за фирмите, но и вработените во приватниот сектор, е ослободувањето од плаќањето на придонеси за постојни вработени заради зголемување на нивните плати од 3.000 денари до 9.000 денари (според последно исплатена плата, за вработени со плата до ниво на просечна месечна плата на национално ниво). Основата за споредба е просекот од исплатените 3 последни месечни плати. Работодавачот ќе плати данок на личен доход, а ќе биде ослободен од плаќање на здравствено и пензиско осигурувањe за делот за зголемувањето, во период од 12 месеци. Мерката има за цел намалување на даночната евазија и сивата економија, како и поддршка на приватниот сектор за исплата на повисоки плати.

Една од мерките во пакетот е насочена и кон справување со евентуална млечна криза, преку дозвола за користење дехидрирано млеко како основа за производство на млеко и млечни производи, заради намалување на нивната цена.

 

Систем и одржливост

Третиот и четвртиот сегмент од деветтиот пакет мерки се однесуваат на одржливоста во јавниот сектор, како и системски мерки за ублажување на ефектите од ценовната и енергетската криза.

Во рамки на мерките насочени кон одржливост се предвидува продолжување на мерката за кредити за енергетска ефикасност во јавниот сектор, преку Светската банка. Исто така, ќе се операционализира Фондот за енергетска ефикасност во Развојната банка, со поддршка на Светската банка, преку кој ќе се финансираат проекти во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, а со цел полесен пристап до капитал на јавните субјекти.

Системските мерки се насочени кон обезбедување системски одговор на потребите на граѓаните чии приходи се врзани за буџетот, соодветно на макроекономските движења, а повторно во насока на фискална одржливост. Овие системски политики за заштита на стандардот на пензионерите и вработените во јавниот сектор кои треба да „вратат” со поголема ефикасност на јавните услуги и повисока професионалност на администрацијата во 2023 година го чинеа буџетот 189 милиони евра, а во 2024 година расходите на буџетот за овие политики ќе изнесуваат околу 327,3 милиони евра. Тука ќе го спомнам зголемувањето на платите во јавниот сектор преку усогласување со порастот на просечна плата, како и редефинирање на системот на плати во јавниот сектор преку креирање системско решение. Оваа мерка треба да започне следната година и треба да воспостави една добра структура на платите во јавниот сектор, што е нешто што претходно го немало, а ќе овозможи достоен живот, праведност и поголема мотивираност кај вработените. Ова решение ќе се надоврзе кон системот кој веќе го воспоставиваме кај зголемувањето на пензиите, согласно кое во март повторно ќе има ново усогласување на пензиите со растот на просечната плата и трошоците за живот по принцип 50%-50%.

Нема единствен рецепт за заздравување – туку постојано прилагодување и надградување на политиките

На крајот би сакал да посочам дека ефектите од овие мерки најдобро ќе се видат кога ќе започне нивната реализација и кога ќе почнеме да ги анализираме понатаму макроекономските податоци, како што тоа се прави сега за претходните пакети. Понатаму и за овој пакет мерки, меѓународните финансиски институции и економистите ќе можат да дискутираат за нивната успешност. За ефектите многу порано ќе можат да судат граѓаните и фирмите кои ќе ги ползуваат мерките.

На крајот ќе истакнам дека нема универзален рецепт за побрзо заздравување и забрзување на растот, тоа ќе биде процес на постојано прилагодување и надградување. Моделот треба да се скрои согласно економската структура, окружувањето и очекувањата, да се има целата слика при кроењето на стратегијата и секогаш прва и последна точка треба да биде добробитта на граѓаните. Тоа е економската формула која ќе даде успех.

Колумна на министерот за финасии Фатмир Бесими