ФИТР и МАНУ ќе ја поттикнуваат иновативноста и претпримеништвото кај младите

31

Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) потпишаа Меморандум за соработка којшто ќе опфати покренување на заеднички проекти и студии од областите на претприемништвото, иновациите, истражувањето и технолошкиот развој.

“МАНУ активно ќе се вклучи во изработка на стратешката програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите, наречен Фонд за млади умови на ФИТР, но и ќе се продлабочи соработка во конципирање на финансиски инструменти за поттикнување на истражувачките активности на академската заедница“, истакна претседателот на Академијата, Таки Фити.

Целта на овој договор е и стимулирање на конкурентноста преку истражување на можни инструменти за креирање иновативни политики, како и политики поврзани со образование и поддршка на мобилноста помеѓу академијата и индустријата, вклучувајќи и меѓународна мобилност на ученици, студенти и претставници на академската заедница.

“Потпишувањето на договорот за соработка со една од најзначајните национални институции претставува задоволство и голема чест за Фондот но и за мене лично. Разговаравме за повеќе конкретни проекти и очекуваме целосна поддршка од МАНУ во иницијативите кои ни претстојат и за кои заеднички ќе аплицираме пред меѓународните фондови. Со задоволство ќе ја прифатиме понудената можност акумулираното знаење од Академијата да го искористиме во делот на економијата и одржливиот развој“, изјави директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.

Двете институции преку билатералната соработка ќе имаат заеднички проекти за финансирање на меѓусебните истражувачки активности и пред домашните државни институции, приватниот сектор,  вклучувајќи притоа и заемна помош при подготовка на проектната документација.

Во мај годинава ФИТР во соработка со МАНУ, Природно-математичкиот факултет при Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје организиираа Денови на ЦЕРН во Северна Македонија, во чии рамки се одржаа серија настани и изложби.