Фокусирани сме на потребите на секој наш клиент

166
thumbnail_Driton Ford
Дритон Заири, генерален директор на Ми-Да Гранд Моторс, импортер на Форд за Македонија

Дритон Заири речиси петнаесет години е во автомобилскиот бизнис. На чело на Ми-Да Гранд Моторс во Македонија доаѓа од 2013 година, откако претходно успешно го етаблира Форд на пазарот во Косово. Според него, брендот Форд, денеска, е втор најпродаван автомобил во Косово и меѓу најдобро продаваните автомобили во Македонија. Во однос на компанијата, Ми-Да Гранд Моторс, официјално, под овој назив постои од 2012 година, кога групацијата Гранд влегува со странски капитал во тогашната Ми-Да Моторс Македонија. Компанијата има историја од 25 години на македонскиот пазар, како овластен импортер и сервисер на возилата од марката Форд.

БИ: Неодамна објавивте информација дека возилата Форд го држат примарното место по продажба во Европа. Каква е состојбата со македонскиот пазар? Што велат бројките?
Минатата 2015 година е рекордна за брендот Форд на европскиот пазар во повеќе сегменти. Комерцијалната програма на Форд е број еден по продажба. Со ист статус се продаваат и автомобилите со високи перформанси, како новиот Mustang и Focus RS, кои ги урнаа рекордите. Сето ова се должи на стратегијата која ја постави поранешниот прв човек на Форд Европа, Алан Мулали. Со новиот модерен дизајн и вметнувањето модерни технологии, спакувани во автомобил кој може да го има секој граѓанин, резултираа во рекордни бројки на продажба на европскиот пазар. За жал, во Македонија, ситуацијата не е толку сјајна во последните неколку години, односно по 2008 година, во која вкупно на македонскиот пазар беа продадени 18.000 нови возила од сите брендови. Оттогаш, пазарот за нови возила е во значителен пад, при што минатата 2015 година, сите импортери продадоа бројка од 4.000 нови возила. Како Форд секогаш сме меѓу првите импортери, поконкретно во изминатите 3 години сме на втората позиција. Сепак очекуваме стабилизација на пазарот бидејќи новите стандарди стануваат задолжителни и луѓето го сфаќаат бенефитот од поседувањето нов наспроти половен (увозен) автомобил.

БИ: Благодарение на европската кампања Motocraft ги намаливте цените на сервис услугите. Што е целта на кампањата?

Нашата работа не завршува со продажба на новиот автомобил. Од огромно значење е услугата за одржување на автомобилите и градењето доверба, преку долгогодишна соработка со нашите клиенти. Притоа, во однос на пост-продажбата, константно нудиме поволности за сервисирање и одржување на возилата. Конкретно, Ford Motorcraft понудата се однесува за сопствениците на возила постари од пет години. Таа вклучува оригинални делови со гаранција и обучен тим од професионалци за беспрекорна услуга по најниска цена. За да дојдеме до оваа најповолна цена за клиентите, секако, добиваме поддршка од централата на Ford, бидејќи како домашна компанија не сме во можност да ја оствариме.

thumbnail_Driton Ford 2БИ: Какви сè услови на финансирање им нудите на Вашите клиенти при купувањето на нов автомобил?

Како компанија сме многу флексибилни при набавката на нов автомобил, затоа што соработуваме со многу финансиски институции преку кои клиентите можат да го изберат најповолниот начин на финансирање. Впрочем, тука би ги потенцирал кредитите за физичките лица од банките. Бидејќи секој клиент е различен, ние нудиме опција самиот да одбере со која банка ќе соработува за најдобри услови. Досега најзначајна соработка имаме со С-Лизинг со кои сме продуцирале многу кампањи, каде што клиентот од нас добива субвенција во дел од каматата.

 

БИ: Конкуренцијата во автомобилската индустрија е сериозна и немилосрдна. Како се борите на пазарот и успевате да се сегментирате?

Конкуренцијата, дефинитивно, е сериозна и во некои моменти, немилосрдна. Но, нашата борба е олеснета поради природата на нашите производи со германски квалитет и американско потекло. Она по што успеваме да се диференцираме од конкуренцијата е нашиот фокус кон потрошувачот. Имено, се ориентираме тој да ги добие максималните поволности од наша страна. Преку продажните акции и олеснувања на цените за набавка на нов автомобил, како и неговото одржување, со клиентите градиме успешна приказна.

БИ: Форд има интересна историја и приказна зад себе. Можете ли да ни кажете нешто за почетоците на компанијата, за визијата на Хенри Форд? 

Хенри Форд, пред повеќе од 100 години, бил пионер во поглед на автомобилите со конструкцијата на првиот автомобил за комерцијална употреба. Но, тој е пионер и во однос на индустријата, бидејќи прв ја воведува индустриската лента за производство, која има сериозно значење за целокупниот индустриски развој. Уште од почетоците, визијата на Форд била да направи квалитетен автомобил кој ќе ги задоволи потребите на еден просечен граѓанин или семејство, се разбира, сето тоа во рамки на нивните можности. Сè уште ја следиме неговата визија и се трудиме да направиме чекор напред во задоволувањето на потребите на нашите клиентите преку модерните технологии и дизајни. Нашиот фокус е насочен кон клиентот, а нè води мисијата за најнапредно искуство во придвижувањето на луѓето.