Фонд на УСАИД за поддршка на млади претприемачи и жени во Полошко

36

Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси заедно со меѓународната услужна компанија Еколог основаат Фонд за поддршка на жени и млади во претприемништвото.
Секој од партнерите ќе учествува со една половина од иницијалните 30.000 долари за основање на фондот, кој е прв ваков фонд во Македонија. Малите грантови од овој фонд ќе им помогнат на бизнисите водени од жени и млади да ги зголемат своите капацитети, да создадат повеќе работни места и да ја подобрат економијата во полошкиот регион.
Еколог, со своето учество во Фондот, нуди одличен модел за корпоративна општествена одговорност и дава пример кој УСАИД се надева дека ќе го следат и други компании. За да се обезбеди долгорочно влијание на оваа иницијатива, УСАИД ги охрабрува и другите бизниси да инвестираат во Фондот.
Во текот на оваа и минатата година, Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси има поддржано повеќе жени претприемачки во полошкиот регион преку доделување грантови на бизниси со висок потенцијал за раст кои се водени од жени. Со поддршката од УСАИД, бизнисите двојно го зголемија своето производство и заедно создадоа 33 нови работни места. Фондот ќе ги насочи овие напори и кон младите претприемачи и ќе продолжи да ги зајакнува локалните економии и да ги подобрува животите на граѓаните.