Генијалноста лежи во секое дете, само треба да се разбуди

279

Brainobrain е детска академија која потекнува од Ченаи, Индија. Формирана е пред повеќе од 12 години и се изучува во 20 земји во светот, меѓу кои е и Македонија, а досега ја минале преку 100.000 деца во светот. Brainobrain Интернационал Македонија е мастер – франшиза и е главен носител на програмата од Индија. Brainobrain во Македонија почна да функционира пред три години, најпрво во Охрид и Скопје, а денес веќе е присутнa и во Битола, Кочани, Штип, Струмица. Во Скопје работат три центри, во Кисела Вода, Карпош и Центар.

За работењето на академијата разговаравме со менаџерот на Brainobrain програмата, Цанка Велкова.

Цанка Велкова, Brainobrain Интернационал Македонија

Бизнис Инфо: Што точно се изучува со оваа програма?

Програмата на Brainobrain нуди вредности што во денешно време се неопходни за дечињата. Преку делот на ментален абакус, со ВАК методите се подига нивото на концентрација, визуелизација, фотографска меморија… Преку НЛП (невро – лингвистичко програмирање) се зајакнува самодовербата, самосвесноста, лидерските способности. Преку трите сетила, визуелното, аудитивното и кинеститичкото, се прави ментална вежба на мозокот. Со тоа воедно левата и десната хемисфера се ставаат да функционираат на исто ниво, да може да се користи капацитетот од двете страни подеднакво.

Со континуиран процес на изучување на сите 10 нивоа на оваа програма, кај дечињата постепено почнуваат да се развиваат брзината, точноста, фокусираноста, визуелните и аудитивните способности. Веќе од шестото и седмото ниво почнуваат да работат на мултитаскингот или работење на неколку ментални работи во исто време. Децата абакусот го работат со палец и показалец затоа што овие два прста се конектирани со нервите и реагираат така што директно ја пренесуваат информацијата до оние центри во мозокот каде што треба. Се е толку прецизно направено, ништо не е толку едноставно, иако можеби така изгледа. Она што им го потенцираме на сите родители е да не ги оставаат децата само на оние два часа неделно, туку секој ден да вежбаат по 15-20 минути. Чудото не постои доколу децата не се ангажираат и родителите не се заземат за своето дете. Магијата преку ноќ не се случува, бара континуирана работа и голема дисциплина.

Бизнис Инфо: Кои се бенефициите на оваа програма?

Со оваа програма детето се подготвува понатаму да биде лидер на својот живот во секој сегмент. Можеме понекогаш да слушнеме од родителите дека децата имале многу писмени, многу обврски во училиштето, па немале доволно време за вежбање. Всушност, абакусот помага да се намали времетрањето на извршување на сите тие задачи и активности. И не само во училиштето, му помага на детето да може за кратко време да ги заврши обврските и во обичниот живот. Денес точно знаеме и имаме показатели кои се бенефициите на оваа програма. Веќе околу 20.000 деца во светот ја завршиле оваа програма. Во светот има 700-800 центри на Brainobrain, така да имаме директно сознание за тоа како всушност делува програма. Се одржуваат натпревари во земјите каде е застапена оваа програма, а во мај годинава имавме прв натпревар во Македонија каде што дечињата од сите градови ги покажаа своите успеси. За прв пат имавме и детенце што го имаше завршено четвртото ниво и покажа пред сите родители што значи едно ниво на мултитаскинг – пеење и собирање. Планираме секој година да одржуваме таков натпревар.

Кога бевме во Индија и кога прв пат во живо гледавме еден натпревар, што се прават тие деца, бевме восхитени. Дете од шест години да кажува суми на три страни во исто време, тоа само покажува колку всушност капацитетот на мозокот не е искористен. Секогаш кога им зборуваме на дечињата какви вредности носи програмата, прво почнуваме со тоа колкав капацитет од мозокот користиме. Ако користиме 3%, каде се другите 97% или ако генијалците користат 5% – 7%, каде се другите проценти? Значи, генијалноста лежи во секое дете, само треба да се разбуди. Тоа е и нашето мото. Но, и покрај се, не сакаме нашата програма да е на врвот поради некоја моментална мода или некој тренд. Оваа програма скромно ги покажува вистинските вредности. Создава луѓе кои вистински ќе ги ценат вредностите на еден човек, луѓе кои ќе имаат вистински однос кон својата околина, кон своите пријатели, фамилија… Тоа е она на што сакаме да ги научиме овие дечиња. Затоа и секој наш час започнува со позитивна афирмација.

Бизнис Инфо: Има некакви претходни тестирања пред децата да влезат во програмата?

Децата претходно не се тестираат. Програмата ја работат деца од 4,5 до 14 години и сите ја изучуваат истата програма, само што кај помалата возраст имаме материјали кои на поедноставен начин ја покажуваат техниката на изучување на менталниот абакус. Важно е дека групите се делат по возраст, максимум се 15 деца во група, па тренерот има индивидуален пристап до секое дете во текот на тие 120 минути. Часот е доста креативен, бара ментална концентрација, децата треба да се одморени, па затоа часовите ги држиме за време на викенд. Програмата 20% се одвива на англиски јазик.

Во случај детето да не го положи тестот, му се дава уште еднаш право да полага. Ако ни тоа не успее, повторно се запишува во истото ниво. Не дозволуваме ниту едно дете да помине ниво без да покаже знаење, затоа што нивоата се поврзани едно со друго, континуитетот на второто и третото ниво зависи од првото итн.

Програмата носи многу добри резултати кај нашиве деца во Македонија и можеме да бидеме горди на тоа. Во Македонија програмата ја следат 600 деца и веќе почнавме и со шесто ниво.

Бизнис Инфо: Како мастер – франшиза, имате право да отворате центри во регионот. Кој е следниот чекор, каде ќе се проширува Brainobrain?

Благодарение на програмата на УСАИД Проектот за микро и мали претпријатија, кој е имплементиран од CEED Македонија, стекнав многу пријателства од Македонија и надвор од неа, многу луѓе коишто во себе носат вистински квалитети. Преку УСАИД Проектот и соработката со CEED, добивме поддршка за настап на странски пазари и направивме промоција на нашата програма на селектирани приватни училишта во Приштина. Презентацијата беше успешна и сега сме пред потпишување на договор со еден центар за странски јазици – Оксфорд јазичен центар од Приштина. Минатата недела нивни претставници беа овде во Скопје со потенцијални тренери коишто треба да ги обучиме. Се надеваме дека кон крајот на јануари Brainobrain центарот на Косово веќе ќе почне со работа. Следен чекор ни е Белград, а веќе се во тек прелиминарни преговори за отворање центар во Загреб.

Учествотото во УСАИД Проектот за микро и мали претпријатија и нетворкинг настаните кои ги организира CEED ми овозможија да ги проширам бизнис активностите и во делови од Македонија во кои досега не бевме присутни. Во мај 2012 беше организирана CEED Регионална Конференција во Варшава на која присуствуваа учесници од УСАИД проектот од сите региони од Македонија во кој истиот се имплементира. На едно од неформалните дружења во рамки на конференцијата го запознав г-дин Горан Динов од Струмица и почнавме да разговараме за работите во кои сме професионално инволвирани. Иако бизнисот на Горан е од сосема друга област, тој пројави голем интерес за Brainobrain како нов проект за деца и изрази заинтересираност за тоа како да го донесе франшизниот центар во Струмица. По враќањето во Македонија ја продолживме комуникацијата и ги прецизиравме деталите на соработката, во која се вклучи и сопругата на Горан, која е одличен менаџер за ширење на програмата во тој град. Следната средба беше остварена со првата организирана презентација во Струмица, а потоа следеше првата обука за тренери, со што за неполни два месеци се оствари бројка од 60 деца. Со Браинобраин Струмица, во соработка со BOB International, ја доближивме оваа прекрасна и вредна програма во тој регион од Македонија.