Германија трет најголем инвеститор во Македонија

26

Германија е трговски партнер број еден на Македонија веќе подолг период. Минатата година беше трет најголем инвеститор во Македонија и би сакале да направиме нешто Германија да дојде на првата позиција, истакна премиерот Никола Груевски на бизнис форумот што Владата во соработка со Фајненшл Тајмс го организираше синоќа во Минхен.
Обраќајќи се пред педесетина германски бизнисмени, Груевски ги информира дека група компании од Германија веќе имаат инвестирано во Македонија, притоа посочувајќи ги Дојче Телеком, Кромберг и Шуберт, Дрекслер Мајер.
Според него, тие компании се нашите најголеми промотори, бидејќи, како што истакна, кога ќе дојде некој странски инвеститор прво оди кај Џонсон Мети и Џонсон Контролс, Дрекслер Мајер, Кемет електроникс, да види што тие мислат за Македонија и какво е нивното искуство. За многу кратко време, додаде, тие компании доаѓаат со многу позитивни импресии.
Премиерот истакна дека Македонија е стабилна и на политички и на економски план, со стабилна валута и четврт најнизок долг во Европа кој е 34,3% од БДП.
Ги спомена и технолошко – развојните зони, но сепак, според него, најважното нешто е што Македонија има многу добра бизнис клима.
Бизнис форумот во Минхен е четврти по ред што Владата го организира во соработка со угледниот Фајненшл Тајмс. Првите два беа во Лондон и Париз, во декември минатата година и третиот завчера во Виена.