Германски Odw Elektrik од есен стартува со производство во Охрид

25

Компанијата Odw Elektrik, што ќе гради свој производствен комплекс во Охрид, планира со производниот процес да стартува кон крајот на август или почетокот на септември оваа година.

Германската компанија што произведува електрични инсталации за познатите автомобилски брендови Mercedes, Porsche, BMW и Volkswagen, планира процесот да го стартува во постоечки производствен објект во Охрид, а подоцна производството да го префрли во целосно нов објект што би се градел во слободната економска зона, лоцирана во близина на аеродромот Св. Апостол Павле.

Според информациите од локалната самоуправа, на самиот почетокот во фирмата е предвидено да почнат да работат 30 лица. Претставници на менаџерскиот тим на германската компанија веќе спровеле интервју со потенцијалните кандидати за вработување. Првовработените е предвидено да заминат на обука во фабриката на Odw Elektrik во Украина, и тие ќе бидат идните едукатори за наредните вработени лица, чиј број се планира да биде некаде околу илјада.