Годинава повеќе холандски туристи во Македонија

24

Македонија се претстави на Саемот за туризам во Утрехт, Холандија. Од Агенцијата за поддршка и промоција информираат дека саемот за туризам бил добра прилика за промоција на Македонија како туристичка дестинација.

“Направена е уште една успешна промоција во Утрехт, која претставува почеток на низа планирани промотивни активности во правец на зголемување на бројот на туристи од овој исклучително значаен европски пазар“, вели директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Кристијан Џамбазовски.

Џамбазовски истакна дека биле остварени успешни средби со најголемите тур оператори кои веќе неколку години ја нудат Македонија на овој пазар, со оглед на тоа дека се наоѓаат во државата од која што Македонија има најголем број на туристи.

„Холандските посетители сами приоѓаат со неверојатен интерес и желба да дознаат што повеќе за Македонија која може да понуди скоро се, од езерски и активен, рурален, вински, па се до ловен и културан туризам. Промоцијата на Македонија е во соработка со туристичките агенции и хотелиерите од Македонија, како и Агенцијата за странски инвестиции. Презентацијата на туристичкиот потенцијал на нашата земја беше проследена со дегустација на македонска храна и вино на кои ниту еден посетител не остана рамнодушен” , истакна Џамбазовски.

Амбасадорот на Република Македонија во Холандија, Никола Димитров изрази задоволство од одличната презентација на туристичката понуда на Македонија во Утрехт.

“На средбите со туроператорите Корендон и ТУИ бев информиран дека букингот за престојната сезона е значително зголемен во однос на истиот период минатата година. Со ваков тренд, можеме да очекуваме исклучително успешна година за туризмот”, изјави Димитров.

“Холандија е земја со голем потенцијал имајќи во предвид дека Холанѓаните се меѓу најактивните во Европа кога говориме за туристичките патувања надвор од земјата. Од средбите што ги имавме со најголемите тур оператори кои веќе неколку години по ред ја нудат Македонија како туристичка дестинација, ни укажаа дека продажбата е зголемена за 50% во однос на 2013 до овој период. Што значи дека Македонија може да очекува пораст не само во туристичката индустрија, туку и на целата економија. Верувам дека доколку продолжи овој тренд на пораст на холандските туристи во Македонија ќе иницира дополнителен интерес за потенцијални инвестиции, не само во туристички капацитети туку и во други области” вели економскиот промотор на Македонија во Холандија, Ведат Рушид.

Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот со саемот во Утрехт ја започна сезоната на интернацоналните саеми за туризам кои оваа година ќе бидат 16 на број, на кои ќе ги претстави туристичките потенцијали на Македонија.